Непознати сторители ги искршиле прозорците на манастирот „Свети Атанасиј“ на тетовското Кале

Непознати лица направиле упад на манастирскиот имот „Свети Атанасиј“ на тетовското Кале, при што во црквата биле искршени сите прозорци со што е направена сериозна материјална штета, соопшти денеска Тетовско-гостиварската епархија на Македонската православна црква.

Вандализмот се случува откако пред нешто повеќе од една недела непознати сторители поставиле знаме на Албанија на куполата на црквата и знаме на ОНА на бандера на влезот на Калето.

-Ова е време на големиот пост кога христијаните се подготвуваат за Христовото Воскреснување, а нашите сограѓани муслимани се во рамазански пости, па оттаму сметаме дека ова би требало да е време за преиспитување, созревање и будење на човечност, соопшти Тетовско-гостиварската епархија.

На крајот на ноември лани во Тетовско, на Попова Шапка се случи сличен инцидент. Тогаш две маскирани лица го симнаа знамето на Македонската православна црква – Охридска архиеписопија (МПЦ-ОА) од јарболот во дворот на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка и на негово место го поставија знамето на Албанија.

Претходна вестМалолетник тешко повреден откако со мопед паднал на булеварот “Теодосиј Гологанов”
Следна вестТешко повредена 82-годишна жена додека се возела во автобус на ЈСП