Новак Ѓоковиќ по петти пат е прогласен за најдобар спортист во светот

Новак Ѓоковиќ уште еднаш доби големо признание, наградата „Лауреус“ за најдобар спортист на светот за 2023 година. Феноменалниот српски тенисер сето тоа го заслужи по фуриозната година во која триумфираше на три од четирите грен слем турнири (Австралија Опен, Ролан Гарос и Ју-Ес Опен), а славеше и на три Мастерси, како и на завршниот турнир.

Ѓоковиќ петти пат во кариерата е прогласен за број еден во светот на спортот.

Најдобриот тенисер на сите времиња по доделувањето на наградата истакна:

-Овие час и половина гледам неверојатни спортисти, сите кои се во оваа просторија, кои имаа така големо влијание врз спортост во 2023. Вие сте инспирација за луѓето во светот, со вашиот скок, додавање, кош… честитам на сите за номинациите и наградите. Ова е специјална организација, чест ми е што уште во 2012 имав можност за првпат да ја добијам оваа награда. Основачот на оваа Спортска Академија заедно со Нелсон Мандела, кој беше прв претседател, заедно порачаа дека спортот има сила да го промени светот. Сега имаме можност да видиме дека децата можат да изберат спорт, а не улица, па преку спортот да развиваат некои суштински знаења и да тргнат во вистински правец во животот. Благодарност до Академијата која во овие 25 години се обидува да ги унапреди животите на речиси седум милиони деца. За мене е прекрасно чувството што сум дел од нешто што обединува, што ви го покажува вистинскиот пат, без разлика од каде доаѓате, која ви е бојата на кожата, на каков јазик зборувате. Спортот има моќ да инспирира и да ги обединува луѓето, рече Новак Ѓоковиќ на гала-вечерата во Мадрид.

Инаку, конкуренција на Ѓоковиќ при изборот му беа фудбалерите Ерлинг Халанд и Лионел Меси, атлетичарите Арманд Дуплантис и Ноа Лајлс и возачот во Формула 1, Макс Ферстапен.

Претходна вестЦУК апелира на внимателност поради најавените метеоролошки промени
Следна вестЈавниот превоз утре ќе функционира по неделен возен ред