На 1-ви септември читалните во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ги отвораат вратите за оние кои редовно ги посетуваат, и тоа од 8 до 19 часот, секој работен ден. Очекувано, ќе постои посебен протокол за заштита како на оние кои доаѓаат така и на вработените од ширењето на корона вирусот.
Според новите правила се забранува: присуство во другите простории на објектот каде што се наоѓа читалната (хол, аула, простории за одмор); предмети (чанти, ранци) не смеат да се оставаат на подот; вратите и прозорците не смеат да се затворат; храна и пијалаци не смеат да се оставаат на масите; задолжително носење маска за лице во просториите на читалната; масите и столчињата се наоѓаат на растојание од најмалку 1,5 до 2 метра и е ограничен бројот на посетители во читалните (во читалната 1 на прв кат има 30 седишта, а во читалната 2 на втор кат – 25 седишта); вратите и прозорците се оставаат отворени, истите се фиксираат; пред влезот се остава сунѓер со средство за дезинфекција на обувките; пред влезот на читалната се поставува средство за дезинфекција на рацете; секое место за седење се нумерира; автоматите за самопослужување на пијалаци и храна не се во функција.
Тоалетите ќе се дезинфицираат на секои 2 часа, како и после секое заминување на читател – местото за седење.