Земјотресите со епицентар во Кахраманмарас беа трипати посилни и поразорни од претходната, најголемата катастрофа во 1999 година, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган при посетата на Дијарбекир, пренесува Анадолија.
Земјотресот окарактеризиран како „катастрофа на векот“ е почувствуван на површина од илјада километри, а, како што рече Ердоган, предизвикал уништување на површина од 500 километри.
Турските служби соопштија дека засега бројот на загинати во Турција изнесува 21.848 луѓе. Во соседна Сирија загинале уште 3.553 лица, со што вкупниот број на починати од земјотресите изнесува 25.401 човек.
Од друга страна, турската полиција приведе 12 лица поради урнати згради во југоисточните провинции Газиантеп и Шанлиурфа по силниот земјотрес што ја погоди Турција, објавија локалните медиуми.
Меѓу приведените има и изведувачи, според новинската агенција ДХА.
Проценка е дека најмалку 6.000 згради се урнаа по земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала што го погоди регионот.
Се очекуваат нови апсења откако јавниот обвинител во Дијарбакир, една од 10-те југоисточни провинции погодени од земјотресот, денеска издаде налози за апсење на 29 лица, објави државната новинска агенција.
Еден од уапсените во саботата бил градежен изведувач во Газиантеп, соопшти агенцијата, додавајќи дека бил пронајден од полицијата во Истанбул.



