Проф. Панов има прашања за Царовска по повлекувањето на учебникот по географија

Учебникот по Географија за втора година гимназиско образование е педагошки и дидактички издржан, а вистинската причина за негово повлекување е наводот дека населувањето на албанското население во Македонија се одвивало на насилен пат. Со ваков став денеска реагира универзитетски професор во пензија, географот Никола Панов, еден од авторите на учебникот кој вчера беше повлечен од страна на МОН. Во објавата преку Фејсбук тој наведува дека не се издржани причините за повлекувањето на учебникот. Односно, дека е неприфатливо причините да се бараат во тоа што, како што изјавија претставници на МОН, учебникот е преоптоварен со статистички и други податоци и факти и дека во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на наша земја.

Панов укажува дека овој ученик е во употреба веќе цели 18 години и до сега немало забелешки.

 Тој е педагошки и дидактички издржан и, според него, учениците се оспособуваат да ги воочуваат фактите, појавите, процесите и објектите кои се мошне битни за здобивање на основните национални, патриотски и интегрални знаења за нашата национална географија. Впрочем тоа го констатира и рецензентската комисија на чело со врвниот географ, веќе починатиот проф.д-р Васа Даскаловски . Демантирам и тоа дека во некои наставни содржини се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на Република “Северна Македонија. Овој учебник не сме го напишале за граѓаните на Република “Северна“ Македонија, туку за Република Македонија. Доколку тоа и сметало на Царовска, редно е да излезе и да каже дека таа е една од причините, а не да се плетка со образложенија кои ниту ги разбира, а ниту се во нејзина надлежност. Впрочем, би ја запрашал Царовска, како последниве дваесеттина години истиот овој учебник бил добро дидактички и методски подготвен и не ја навредувал ничија култура и историја, одеднаш е методски и дидактички неподобен и културно-историски навредлив. На глупоста и нема крај, потенцира Панов.

Тој натаму објаснува дека на сите им е познато дека учебникот се укинува најмногу заради, наводно, спорен текст кој се наоѓа на стр.104 каде се зборува како и кога Албанците се доселиле во овие краеви, на кој и укажале неколку невладини албански здруженија.

Тој потенцира дека лично смета дека токму тоа е една од основните причини за да се укине овој учебник, што Мила Царовска не сака да го истакне како основа за укинувањето.

Свесен сум дека на некои од моите сограѓани Албанци им смета реченицата дека: Македонците биле протерувани од родните села со многу сурови методи, како грабежи, киднапирања, убиства, физичко малтретирање-тепање, опожарување и слично. Во таа насока би сакал да кажам дека досега не ми е познато во светската историја дека ниту едно освојување на било каква туѓа територија, не било пропратено со убиства, грабежи, тепање, злоставувања и слично. Впрочем, кога доаѓале старите Словени на територијата на денешна Македонија зарем не ги убивале, пљачкосувале и малтретирале старите македонски племиња кои живееле овде, или пак Турците мирољубиво влегле преку р.Марица на Балканот, мирољубиво и без убиства и најсурови методи дошле се до Виена и мирољубиво владеел пет века на Балканот и сл. Ако се движиме по траекторијата на Царовска и нејзините гавази, тогаш значи дека треба да ја забраниме или промениме да се изучува историјата на старите Словени и други бидејќи тие, со нивните“мирољубиви“ методи на освојување ја навредувале културата и историјата на старите Македонци, од чија мешавина впрочем сме настанале ние денешните Македонци и сето тоа, така спакувано во обландата на неписмените, треба да го прифатиме како вистина од невистинитите, потенцира Никола Панов.

Претходна вестБраво, талентираниот Алексиј се закити со златен медал на иранската геометриска олимпијада
Следна вестИли почитување на мерките или продолжување на полицискиот час