Реформите на Макрон кризираат: Приведени 217 лица на протестот во Париз поради пензиските реформи

Масовни протести во Франција. Тамошната полиција приведе 217 лица за време на протестот во Париз против пензиската реформа, која беше усвоена со покренување посебна постапка, пренесува порталот BFMTV.

Полицијата употреби солзавец и водени топови против демонстрантите на Плас де ла Конкорд во Париз, каде што се собраа многу луѓе да протестираат против пензиските реформи. Реформите беа усвоени без гласање.

Француската премиерка Елизабет Бурн претходно покрена специјална процедура за усвојување на непопуларниот закон за пензиските реформи во Националното собрание без гласање, среде извици и скандирања на пратениците од левицата што вееја транспаренти против пензиските реформи.

Користејќи го таканаречениот член 49.3 од Уставот, беше обезбедено усвојувањето на нацрт-законот за зголемување на старосната граница за пензионирање за две години – од 62 на 64 години, но тоа покажува дека претседателот Емануел Макрон и неговата влада не успеале да обезбедат доволно мнозинство во Парламентот, објави Ројтерс.

Агенцијата оценува дека опозициските партии најверојатно ќе побараат гласање за доверба на Владата. Макрон и неговата влада тврдат дека зголемувањето на старосната граница за пензионирање е неопходно за одржување на пензискиот систем, но неговиот неуспех да ја изгласа пензиската реформа во парламентот е удар за неговите напори да спроведе нови реформи, според Ројтерс.

Претходна вестЈане Ченто и Игор Југ со пораки по одбиениот предлог за амнестија: „Кажете ѝ на мајка ми нека не жали“
Следна вест„Папокот на светлината“ – новото ремек дело од Венко Андоновски ја обиколува Македонија