Петмина поранешни владини функционери и директори се најдоа на листа на санкционирани лица од САД поради нивна инволвираност во корупција во Бугарија. Во пишаната изјава на државниот секретар Ентони Блинкен, објавена од Американската амбасада во Софија се наведува дека се работи за двајца поранешни министри – еден од БСП и еден од ГЕРБ, експратеници од БСП, како и бивш директор на државната Нуклеарна централа на Бугарија, но и нивни компании. Станува збор за Румен Овчаров, Александар Николов, Иван Генов, Николај Малинов и Владислав Горанов. Румен Овчаров е дел од Бугарската социјалистичка партија (БСП) која денес ја предводи Корнелија Нинова. Тој во моментов, според објавата од американското Министерство за финансии, е член на Националниот совет на БСП. Александар Николов, пак, е поранешен извршен директор и заменик-директор на нуклеарната централа „Козлодуј“, единствената која е во државна сопственост. Таму тој работел дури 30 години, на различни позиции. Иван Генов, исто така, е поранешен извршен директор на оваа нуклеарна централа, а бил и пратеник од редовите на БСП во периодот од 2017 до 2019 година. И Николај Малинов е поранешен пратеник од БСП, а сега е лидер на Русофилското национално движење. Тој е основач и претседател на политичката партија Русофили за преродба на татковината која се залага за поцврсти врски со Русија. Петтиот санкциониран, Владислав Горанов, е поранешен функционер од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов. Тој беше пратеник, но и министер за финансии во втората и третата влада на ГЕРБ односно во периодот од ноември 2014 до јануари 2017 г. , како и од мај 2017 до јули 2020 година.
Освен ова, Велика Британија, исто така, посочи тројца корумпирани актери во Бугарија за сериозна корупција и злоупотреба на средствата на јавните институции: Васил Крумов Бојков, истакнат бугарски бизнисмен и олигарх; Делијан Славчев Пеевски, олигарх и поранешен пратеник; и Илко Димитров Жељазков, поранешен заменик-началник на бугарската државна агенција за технички операции.



