Само неделава во Францијa запленет кокаин вреден 150 милиони евра

Над два тона кокаин, спакуван во кеси, се најдени минатиот викенд и во средата на брегот на францускиот канал, пишува денеска францускиот Монд. Како што се наведува, откако во неделата наутро на плажата Реви, во северозападот од земјата, беа пронајдени неколку кеси со 850 килограми кокаин, во средата во близина на Вик-сур-Мер се појавија уште шест вреќи со 1,5 тон кокаин, така што запленети се вкупно околу 2,3 тона кокаин, што се смета за рекордна заплена.

Проценетата пазарна вредност на запленетата стока е околу 150 милиони евра, изјави извор близок до случајот.

Обвинителството во Шербур покрена истрага, а не е утврдено потеклото на херметички затворените пакувања што биле исфрлени на брегот. Монд пишува дека е можно дрогата намерно да била фрлена во морето, за да избегне контрола или пак да испаднала од брод.

– Понекогаш пакетите се закачуваат на трупот на бродот, така што може да се откачат ако морето е разбранувано, а инспекторите се обидуваат да утврдат во кој правец дрогата се движела“,изјави неименуваниот извор. Францускиот дневен весник потсетува дека на крајот на 2019 година, пакети со вкупно 1,6 тона бел прав беа фрлени на плажите во зоната од Сен-Жан-де-Луј на југозапад, до Камарето на северозапад, пренесува француски Монд.

Францускиот министер за внатрешни работи Жерар Дарманин во вторникот изјави дека француските власти во 2022 година заплениле 156,7 тони дрога, од која повеќе од половината дошла од Западни Индија и Гвајана.

Министерот за финансии Габриел Атал, пак, во средата, на прес-конференција посветена на билансот на борбата против трговијата со дрога во 2022 година, ја поздрави „историската заплена“ на кокаин извршена од неговите служби во пристаништето Авр на 19 февруари, при што за неколку дена беа одземени 1,9 тона кокаин.

Претходна вестПелистер подобар од Војводина во СЕХА лигата
Следна вестПромени во протоколите за дојавите за бомби – МВР ќе потврдува дека се лажни за да децата бидат на наставата