Сеќавањата за Тоше Проески не згаснуваат, денеска ќе наполнеше 43 години

Спомен-домот на Тоше Проески на Гумење во Крушево, со повеќе манифестации го одбележува роденденот на нашата и балканска голема музичка ѕвезда, Тоше Проески. Тој е роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп, пред 43 години.

–Денот, 25 јануари е врежан во срцата на сите нас, кои го сакаме Тоше, ја слушаме неговата безвременска музика и со насмевка, но и со тага во очите ги гледаме неговите фотографии, неговите награди, неговата облека и личните предмети кои се наоѓаат во неговиот дом – спомен куќата на Гумење во Крушево, вели Лефкија Гажоска, директорка на спомен домот „Тодор Проески“ во Крушево.

Тоше беше феноменален музичар кој ги сакаше луѓето, помагаше… Во негова чест во просториите на Спомен куќата во Крушево се одржува хуманитарна крводаристелска акција која ќе трае до 16 часот.

Присутните, претставници од институции и поддржувачите на Тоше, ќе положат букет свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште, на Гумење. Во 12 часот во Спомен-домот ќе биде отворена хуманитарно-продажната ликовна изложба со наслов „Срце није камен“ на стилистот и уметничка душа Светлана Зуламоска. Нејзините дела со ликот на Тоше и пригоден текст, се насликани на камени плочи со акрилни бои, а целта на изложбата е собраните средства од продажбата на овие уникатни и оригинални ликовни изблици, да се донираат за лекување и терапија на малиот Војдан Спасовски.

Дека Тоше е инспирација за младите уметници, ќе потврди и промоцијата на музички и видеоспот на Јана Мрческа, на рефрени на Тошеви песни. Во 13 часот ќе се одржи веќе традиционалниот музички перформанс „Ангел си ти“. Македонската вокалистка Ивона Јо во придружба на нејзиниот бенд В2В, ќе исполни десетина нумери од богатата музичка ризница на Тоше. Во неговиот спомен дом ќе одекнат: „Тајно моја“, „Срце није камен“, „Ангел си ти“.

Фановите на Тоше низ Балканот ќе имаат можност преку телевизискиот канал Прва ТВ, да го проследат документарниот филм кој авторката Катарина Миловановиќ го сними во Крушево 2023 година. Авторката ќе донира копија од овој филм на Спомен куќата, со превод на македонски. Премиерата и промоцијата на овој документарец ќе бидат в петок, на 26 јануари во 19 часот во салата на Младинскиот културен центар во Крушево.

Тоше Проески нè напушти пред 16 години. Нашиот пејач загина во сообраќајна несреќа на 16 октомври 2007 година кај Нова Градишка, Хрватска. Остави многу хитови кои долго, долго ќе се пеат во регионот.

Претходна вестГолема полициска акција во Грчец, апсења и претреси и во Дуќанџик и во Чаир
Следна вестПукал на семејна веселба, куршумот завршил во куќата на 81-годишниот сосед