Шаќири: Матура ќе има и покрај штрајкот на Државниот испитен центар

Матурантите веќе ги завршуваат последните подготовки за полагањата на државната матура иако не се знае дали матурата ќе се реализира или не. Синдикатот на Државниот испитен центар соопшти дека штрајкот во оваа институција ќе продолжи, бидејќи на вчерашната средба во Владата немало договор меѓу Синдикатот и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Од синдикатот бараат зголемување на платите. На средбата во Владата им била понудена исплата на К-15 и линеарно зголемување од 2.000 денари за половина од вработените. Како што велат од Синдикатот, тоа што им било понудено од Владата им припаѓа по закон и дека досега незаконски биле спречени да го добијат.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека ќе ја анализираат одлуката на Синдикатот на ДИЦ, но додаде дека испитите ќе бидат спроведени навреме. Исто така, Шаќири веќе се изјасни за завршување на матурата, а доколку има потреба ќе бидат вклучени и вработени од Министерството за образование. Полагањето на државната матура е предвидено да се одржи на крајот на месецот. На 27 мај ќе се одржи полагањето по мајчин јазик, додека на 10 јуни по предметите математика, англиски, француски, германски, руски, филозофија и естетика во зависност од определбата на учениците. За разлика од екстерните, интерните ќе се одвиваат по 13 јуни. Штрајкот на синдикатот на Државниот испитен центар засега над 15.600 матуранти.

Претходна вестСе зголемуваат платите на здравствените работници, потпишан анексот кон колективниот договор
Следна вестЕурофарм Пелистер прв финалист во македонскиот ракометен Куп