Колумна на Владимир Величковски:
Само добро организирана држава може да прифати повеќе илјади бегалци кои станале симбол на едно ново време на голема криза во светот. Ние, како по обичај, сме неподготвени, доцниме. Причините ги знаеме, но последиците истрајно ги трпиме: болно е кога ќе видиме колку сме ги запустиле селата и поселанчиле градовите. Не се води реална политика за прираст на населението, а броиме повеќе илјади починати од здравствена пандемија. Добро е што тргна карванот за ковид вакцинирање за да останеме барем онолку колку што сме. Младите незадржливо ја напуштаат земјата за да работат и создаваат во туѓа средина. Зошто и натаму продолжува деградирањето на населени места со несопирливото делување на урбаната мафија, како и продолжената тенденција да се подигнуваат (неказнето) дивоградби и особено лошата работа на општините. До кога? Се што е негативно (некогаш има и нешто добро) е „во име на народот“, а народот понижен, но одново ги избира на „демократски“ спроведени избори. Зарем е потребен коментар кога ќе видиме дека сме рангирани на самото дно на светските листи според високата корупција, неписменоста, во групата најсреќни народи итн.
Продолжија скапа „голема реформа“ во образованието и што остана од сите гласни најави? Со смена на министерката (која менуваше удобни фотелји) изгледа не остана ништо. Која министерка (или министер) направи нешто добро за луѓето? Сите тие останаа арогантно дистанцирани од „валканиот“ народ. Покрај трагичната поделеност и самоволие, злокобната општа партизација на државата и општеството може да се констатира: противречни сме на самите себе, на разумот и на законот. Пропаѓањето на земјоделството и сточарството, протестите дури и во здравството се тажен показател за лошите состојби кои траат повеќе од три децении. Каде е тука разумот кога не се води сметка за формирање добри стручњаци, научни работници итн. Зарем не владее хаос во земја која етнички чисти средини, самоволно одбиваат да плаќаат данок. Здосадија со самофалби и поуки учени луѓе, па и филозофи, бивши (партиски) одредени амбасадори и колумнисти кои по ниту една основа не се вбројуваат меѓу интелектуалци. Не е нормално да има толкав број на универзитети, приватни болници, рекламирање на производи, само за поимотните. Наместо вистинска грижа и навремено воспитување и образование се испраќаат инспектори и полицајци кои треба да го спроведат законот и да ги дисциплинираат криминалните дејствија.
Кога ќе се спомне проблемот на Македонците во Бугарија, во Европа тоа станува „херојски чин“. И натаму има привилегирани и заштитени лица, како што се уште дивее сообраќаен метеж. Кога претседателката на Антикорупциска комисија апелира на човечката совест или кога претседателката на Судскиот совет отворено ќе проговори за лошите (општо познати) состојби во судство, работите стануваат и повеќе од јасни. Кога „партија“ бира судии за Врховен, партијата „со едно ало“ ќе добие партиска правда. Во текот на повеќе години се одвива отворено деградирање на Македонската радио телевизија, но кој реагирал на вистински начин и се загрижил за многу важен културен идентитетски сегмент на државата? Мислевме дека споменичкиот комплекс „Македониумот“ (1974), посветен на Илинден и НОВ во Крушево е единствено добро сочуван споменик во земјата, но сме се излажале. Уште еден поштар ја напушти професијата. Медиумите со баналната и недостоинствена програма ги затапуваат луѓето.



