Проектот „Чебрен“ не може да продолжи понатаму оти грчката компанија не ја продолжила банкарската гаранција чијашто важност истекла на 31 декември, објави денеска Каја Шукова, министерка за животна средина.
Таа рече дека согласно тендерската документација, додека е активна банкарската гаранција, понудувачот требаше да пристапи кон потпишување на договор за заедничко вложување со ЕСМ и тоа не го направил.
-Ние некаде околу 15 декември упативме допис до компанијата, да ја потсетиме дека банкарскаа гарација е активна до 31 декември. Бидејќи не добивме никакви дополнителни информации од компанијата, банкарската гаранција веќе не е активна и понудата веќе не важи и не можеме да продолжиме понатаму, изјави денеска Шукова за пропаѓањето на тендерот за реализација на проектот „Чебрен“.
Според неа, грчката фирма „Архиродон“ испратиле жалба во однос на одлуката на Владата и соопштиле дека имаат одредени услови кои што не овозможуваат добри можности да обезбеди средства од банките за да го гради „Чебрен“.
-Тие дополнителни барање не беа дел од тендерската документација и како такви, Владата не можеше да ги прифати во однос на другите кои што подигнаа документација и се јавија на тендерот. Затоа одлучивме условите да останат како во тендерската документација. Очигледно компанијата со овие услови не можеше да обезбеди заеми од банките, со оглед дека се работи за голема финансиска конструкција од милијарда евра, кажа Шукова.
-Ги знаеја условите, меѓутоа аплицира и друга компанија, која немаше доставено целосна документација. Најверојатно утврдиле дека им се потребни уште некои услови за да обезбедат пари и одржливост на проектот, кажа министерката.
Во однос на тоа зошто не се активира банкарската гаранција, Шукова вели дека гаранцијата се наплатува во корист на Владата само ако избраниот понудувач ја одбие поканата за склучување договор за концесија за добра од општ интерес и не го потпише договорот и доколку ја повлече понудата пред истекот на периодот.
-Државата во моментов нема услов да ја активира банкарската гаранција, истакна министерката.
Повеќе од 20 години се спроведува овој процес и досега пропаднаа 14 тендери.
– Оние што се бават со енергетика, да седнат и да размислат како да се одвива ова понатаму. Дали да го гради државата или ќе се оди повторно со концесија, тоа оставам на енергетичарите да дадат мислење. Ние вршивме испитувања во биодиверзитетот и тие не покажаа загрозувачко влијание, од аспект на животна средина овој проект е добар за реализација, додаде Шукова.




