Усогласување на другите плати со минималната плата до средината на март бара Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), а во спротивно не исклучуваат можноста за генерален штрајк на јавниот сектор.
Раководството на Синдикатот денеска, на прес-конференција, побара почитување на законите и на колективните договори согласно кои треба да се изврши усогласување на платите со минималната плата. Доколку не се направи вакво усогласување, велат од Синдикатот, ќе има ситуации во кои неколку позиции различни по коефициент на сложеност ќе бидат изедначени.
Според синдикатот, во јавниот сектор не се почитуваат законите и колективните договори поради што вработени земаат основна плата под минималната, а не се зема ниту соодветна плата според коефициентот на сложеност.
Во вторникот, веднаш по седницата на Економско-социјалниот совет, испратиле допис до премиерот Димитар Ковачевски и побарале средба за решавање на овој проблем, но дека досега немаат никаков одговор. Членството на синдикатот, како што истакна, секојдневно врши притисок и бара радикализација на идните чекори.
Прашањето, според Синдикатот, треба да се реши до 15 март и да се направи ребаланс на буџетот затоа што се работи за поголема сума на пари што треба да бидат одвоени.
Од Синдикатот го поздравуваат амандманот на Законот за минимална плата што го најави опозицијата и ги повикаа сите пратеници да дадат поддршка со цел вработените во јавниот сектор да го добијат она што законски им следува.


