Српски научници во отпад ќе бараат лек за рак

За истражувачка работа во лабораторија, пред сè, потребна е чиста лабораторија, за научните резултати да бидат оптимални. Сепак, тим од српски научници во моментов активно работи на проект кој започнува на депонијата. Таму се прави селекција на отпаден материјал кој се користи во истражувачкиот процес со цел да се произведат лекови со антитуморно дејство.

На стручниот тим хемичари од Природно-математичкиот факултет во Крагуевац му беше доверена важна задача. Во соработка со тим научници од Институтот за молекуларна генетика и генетско инженерство од Белград, работат на истражување на соединенија кои еден ден би можеле да станат лекови, а се добиваат од отпад, пренесува српски Курир.

– Тимот од Белград користи различни отпадни материјали како средство за размножување на бактерии во ферментот. Имено, со помош на отпадот, бактериите создаваат биомолекули кои понатаму структурно ги модифицираме – вели д-р Билјана Глишиќ, вонреден професор на Природно-математичкиот факултет во Крагуевац.

Нејзината колешка ја објаснува целата процедура низ која минуваат научниците на овој проект.

– Овие биомолекули имаат одредена биолошка активност и она што сакаме е да ја подобриме таа активност со воведување структурни промени. Кога ќе ги добиеме посакуваните соединенија, ги враќаме во Белград каде дополнително се биолошки тестирани, вели д-р Виолета Марковиќ, доцент на Природно-математичкиот факултет во Крагуевац.

Структурната модификација, односно подобрувањето за медицински цели е долг процес и започнува на депонијата. Досега добри резултати дадоа лушпите од банана и парчињата месо со поминат рок.

Членовите на тимот кои се занимаваат со овој многу важен потфат исто така имаат големи очекувања.

– Ако се биде добро, би биле блиску до клиничко испитување. Целта ни е да добиеме најмалку пет нови соединенија, од кои би имале три потенцијални лекови за третман на бактериски и габични инфекции и два потенцијални цитостатици, кои се користат за лекување на туморски заболувања, нагласува д-р Билјана Глишиќ.

Покрај добивањето револуционерни лекови, доколку се успее тоа ќе има и еколошка важност бидејќи во овој процес отпадот станува вреден и обновлив ресурс.

Иако ова истражување нема да даде моментални резултати, долгорочно ќе донесе радикални промени во медицината и општото подобрување на науката и општеството.

Претходна вестПретрес во Битола: Пронајдени дрога и муниција, приведено едно лице
Следна вестДваесет годишно момче прегази пешак во Тетово