Судството до крај на годинава ќе влезе во 21 век

Судството ќе се дигитализира, за што вчера на владина седница е усвоена информација со план на активностите.

Планот содржи активности кои ќе се одвиваат во повеќе фази, а ќе се започне со измени на постоечката легислатива како што е користење (е-маил и Е-достава) со учесниците во постапките, како и обезбедување опрема за онлајн судења или за изведување само на некои докази на тој начин.

За тоа судовите треба да се опремат со соодветна опрема, интернет конекција и други потребни уреди за изработка на електронски документи, користење дигитални сертификати (потписи) и дефинирање на дигитален идентитет за странките, адвокатите и другите учесници во постапката, како и унапредување на АКМИС-от, обезбедување доволно кадри и нивна континуирана обука за користење на системот и опремата.

За спроведување на онлајн судења ќе треба да се опремат 100 судници низ 34 судови во целата држава, судница во рамки на Академијата за судии и јавни обвинители како и во затворот Идризово.

Иако, планот навидум не изгледа комплицирано, сепак, според најавата, тоа нема да биде ни сега ни веднаш туку до крај на годинава.

Поради состојбата со корона вирусот, изминатата година и повеќе многу судски рочишта беа одложени, поради болест или изолација на некој од обвинетите или судски вработени. Еден период судовите дури и не работеа воопшто како мерка на заштита.

Идејата за судења на далечина не е нова, но како пречки се споменуваа законските решенија (согласноста на обвинетиот за ваков вид судење) и неопременоста на судовите со потребната опрема.

 

Претходна вестПензиите доаѓаат пред празниците
Следна вестЌе бидат ли електронските учебници нова избрзана промена без да се слушнат забелешките?