Треба да се избегнуваат политичките пропаганди и гледање вести по цел ден

Нашите телевизиски програми се преполни со застарени лесни содржини кои немаат никаков културен придонес и за чудо се уште имаат многу гледаност, смета Стојановска

По вокација театарски режисер, Тамара Стојановска, смета дека граѓаните слободното време кое го поминуваaт пред телвизиските екрани треба да го наменат на следење и на нови правци во уметноста…

 Што им препорачувате на граѓаните да гледаат на телевизиските програми и зошто?

-Не поминувам многу време гледајќи телевизија, но се случува да вклучам телевизор и да начекам културна емисија или постари снимки од некоја театарска претстава, македонски игран филм или некоја од новите серии што моментално сѐ повеќе се снимаат кај нас и да ги гледам. Препорачувам да се следат новите правци во уметноста кај нас за поголем развој, гледаност и секако квалитет.

 Што сметате дека граѓаните би требало да го избегнуваат и да го сменат каналот?

Сметам дека треба да се избегнуваат политичките пропаганди и реклами, гледање вести по цел ден, како и сите програми за кои е очигледно дека се направени само за профит и колку да се потполни програмата.

Нашите телевизиски програми се преполни со застарени лесни содржини кои немаат никаков културен придонес и за чудо се уште имаат многу гледаност. Сите тие негативни информации што се гледаат 24/7 секако дека имаат свое негативно влијание врз гледачите.

Што би направиле како емисија за да биде задоволителна и вредна за гледачите?

-Ми фали емисија во Македонија каде што во центарот на вниманието ќе биде театарот. Емисија која ќе промовира театар, државни и независни продукции, млади театарски уметници и експериментални претстави и ќе известува за нови случувања на полето на театарот. Театарот да се одржува, промовира, развива и поддржува и преку телевизиски медиум и на тој начин да стане достапен за поголем број на луѓе и проширување на театарската публика.

Покрај интернет, Нетфликс и телевизија, театарот треба да го бара својот простор и да се бори за опстанок, а според мене тоа значи да се приспособи на новите изразни средства и начини за маркетинг за да се зачува и продолжи долгата традиција на одење во театар и гледање уметност во живо.

Дали Скопје е доволно застапено како тема на македонските телевизии?

– Мислам дека Скопје е доволно застапена тема на македонските телевизии, но не можам да го кажам тоа и за другите градови во Македонија, особено на полето на културата.

Претходна вестПосебен преглед за станиците за технички преглед
Следна вест162 санкционирани возачи во Скопје, 20 за брзо возење