Угостителите протестираа, Владата го одобри пакетот помош за нив

Континуирана финансиска поддршка за спас на туристичко-угостителскиот сектор побараа попладнево угостителите, претставници на ноќните клубови, рестораните за свадби, игротеките, туристичките агенции, како и туристички водичи и превозници, кои под мотото „Ќе можете ли“, одржаа протест пред Владата.

Велат дека под помош не сметаат понуди од Владата за користење на кредити од Развојна банка, туку тоа е само дополнително задолжување од еден кредит да имаат два. Бараат еднократна финансиска помош за секој од регистрираните категоризирани објекти, кои повеќе од една година се затворени во целост, а со цел покривање на досегашните трошоци и долгувања акумулирани поради забраната за работа. Исто така, угостителите бараат и еднократна финансиска помош во вид на грант за сите регистрирани угостителски објекти, поделени во 3 категории врз основа на големината на бројот на вработени во 2020 година, како и утврдување на мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и Развојна банка се додека не дозволи Владата работење без рестрикции.

Помош за опстанок бараат и туристичките агенции, кои поради состојбата со корона-кризата не може да jа извршуваат дејноста, како и игротеките.

Протестот на Туристичко-угостителската комора продолжува и утре и ќе трае сè до исполнување на барањата.

Во меѓувреме, додека траеше протестот пред Владата, министрите ја одржуваа седницата на која е одобрен шестиот пакет анти – кризни мерки, вреден 17,8 милиони евра, кој според објаснувањето, содржи таргетирана финансиска помош за околу 10.000 компании и околу 60 илјади вработени.
Тој е наменет токму за 12 категории на дејности меѓу кои угостителските објекти кои не работат поради рестриктивните мерки во изминатите 14 дена, потоа ноќните клубови, рестораните за свадби, евент индустријата, фитнес – центрите, фотостудијата и приватните детски одмаралишта. Мерки има и за туристичките агенции.

На угостителските објекти ќе им бидат покриени 30 проценти од приходите, а дополнително ќе добијат по 15.200 денари финансиска поддршка за секое вработено лице за што ќе бидат одвоени 9,9 милиони евра со која ќе бидат опфатени 6 000 угостителски објекти со околу 17 илјади вработени.

Со околу 2,5 милиони евра ќе бидат поддржани приватните детски одмаралишта, ноќните клубови, игротеките, рестораните за свадби, евент индустријата, фитнес-центрите и фотостудијата.

Претходна вестИ ВМРО-ДПМНЕ поднесе кривични пријави против Талат Џафери и двајцата инфицирани пратеници
Следна вестИзмамен охриѓанец уплатил 4.530 евра па залудно чекал наследство од Франција