Владата ги прифати предлозите за нови превентивни мерки што ги даде Комисијата за заразни болести, соопшти премиерот Зоран Заев. Тој рече дека целта е да се спречи ширењето на бројот на заболените од корона вирусот во пресрет на масовната вакцинација која се очекува за следна година.
-Угостителските објекти ќе работат до 18 часот наместо како до сега до 21 часот. Целта ни е празнувањето да не донесе поголем број на заболени. Ситуацијата налага акција и ние како одговорна Влада ги преземаме овие рестриктивни мерки. Апелирам до граѓаните да празнуваат одговорно. Треба да „одбележуваме“, а не да „славиме“ и да не го предизвикаме новиот бран. Мора да избереме меѓу одговорноста и здравјето и задоволството и профитот, рече Заев.
Покрај скратување на работното време на угостителските објекти, со мерките се опфаќа и забрана на прослави на плоштади и во работните организации.