Темен режим Режим на светлина

Власта во маки: Почнаа нејзини пратеници да се предомислуваат

Власта самоуверено тргна да го менува Уставот. Најави дека ќе најде и убеди пратеници од опозицијата кои ќе го прифатат наметнатиот ултиматум за уставни промени. Ама, вчера во парламентот…

СДСМ и ДУИ доживеаја шок. Наместо пратеници од опозицијата да им се приклучуваат, добија најава од народен избраник од нивното мнозинство дека не баш ги поддржува уставните измени.

Имено, пратеникот Енес Ибрахим, член на Партијата за движење на Турците, која е дел од владејачката коалиција, објави дека втората уставна измена што ја предложи власта врзана со составот на Комитетот за односи меѓу заедниците е неуставна.

-Амандманот XII е неуставен. Со новиот предлог бројот на членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците наместо досегашните 19 члена, бројот да се зголеми на 43 при што по 16 члена од редот на пратениците во Собранието Македонци и Албанци, а по еден член ќе имаат сите други заедници. Со овој предлог не се почитува правичната и соодвената застапеност која е загарантирано со Уставот, порача Ибрахим.

Ова, секако, е порака и став на Ибрахим дека на гласањето за да се пристапи кон уставните промени не е баш сигурно дека ќе го стисне копчето „за“. Што сега ќе прават Ковачевски и Ахмети, уште ќе верглаат дека уставните измени се извесни?

Напоредно со ова, вчера се појавија и информации дека и еден народен избраник од СДСМ на партиското раководство му соопштил дека нема да гласа за овие и вака наметнати уставни измени. Како што се дознава, тоа предизвикало и мобилизација во партијата со цел итно да се најде негова замена, односно, решението да се бара во негова оставка и замена со нов пратеник.

Но, сигурни ли се во СДСМ дека само тој еден пратеник од нивните редови не сака да ги гласа наметнатите уставни измени? Можно ли е кај социјалдемократите да нема други пратеници кои не би оделе против ставот на огромното мнозинство Македонци?

Деновиве на ова треба да си одговори решителниот Ковачевски.

Владините напори да се обезбеди поддршка од најмалку седум пратеници од здружената опозиција за да се оформи двотретинско мнозинство од 80 пратеници, сега се чинат уште позалудни.

И не е само тоа проблем на Ковачевски и Ахмети, нив им се топи и владеачкото мнозинство. Огнената група од ДУИ веќе не е дел од мнозинството. Тенко станува мнозинството. Тенко.

На 18-ти август ќе се гласа потребата од промена на Уставот. Тогаш многу работи ќе им се појасни на ДУИ и СДСМ. За многумина веќе е јасно – нужни се итни парламентарни избори.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Разузнавач ќе сведочи во Конгресот во врска со НЛО: „Имаме технологија што не потекнува од Земјата“ (ВИДЕО)

Следна објава

Околу илјада најрадикални навивачи на Левски доаѓаат во Скопје