ВМРО-ДПМНЕ решава за новите чекори во блокадата на парламентот

Седница на којашто ќе ги дефинира новите чекори во активната блокада на македонскиот парламент денеска ќе одржи Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Се очекува да бидат дефинирани вториот и третиот чекор.

Ова го најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред неколку дена при посета на општина Кисела Вода.

-Ова е стратегија која што ќе трае, јас не очекувам дека туку така ќе ја напуштат луѓето фотелјата која што ја држат. Бидејќи тие знаат дека никогаш повеќе во животот ќе немаат таква можност. И грчевито се борат небаре ова е последниот ден за сите нив. А, гледаат дека само народот е тој што губи, и ќе ја испорача народот сметката, рече Мицкоски.

Тој рече дека остануваат на ставот да ги блокираат сите закони кои ВМРО-ДПМНЕ ги смета за штетни, но оти нема да бидат блокирани оние законски решенија кои се од интерес на граѓаните.

И партискиот потпретседател Александар Николовски синоќа изјави дека неколкудневната блокада веќе имала ефект.

-Се уште се надевам дека власта ќе смогне сили за да на лидерска средба разговараме за датум за предвремени парламентарни избори и за четирите тима во четирите клучни области, финансии, економија, образование и проблемите со Бугарија, да ги составиме тие тимови, истакна Николоски.

Премиерот Димитар Ковачевски пак оцени дека и покрај бојкотот и блокадите на ВМРО-ДПМНЕ, Собранието функционира, потсетувајќи дека на собраниската седница во четвртокот беше усвоен дневниот ред, а во петокот на собраниска Комисија беа утврдени кандидати за нови судии во Уставниот суд. Според него, несериозно е да се бојкотира Собранието во услови на најголема светска енергетска криза и ги повика сите пратениците да покажат одговорност.

Претходна вестПосебен сообраќаен режим во Скопје
Следна вестКим Џонг -ун ќе ја активира војската во борбата против коронавирусот?