Со музика да си оди лошата 2020-та година, за Нова Година – нов почеток! – вака е мотото но и насловот на последниот концерт на Филхармонија за оваа година, кој ќе се одржи в четврток во 20 часот. За прв пат без публика, организаторите ветуваат дека за прв пат ќе се спојат традицијата, класиката и џезот.
Концертот се реализира во соработка со ЗЏМ, а диригент е Џијан Емин. Како солисти ќе настапат Џон Илија Апелгрен, Сара Мејс, Дејан Бобиќ, Полина Тасева и Калина Велковска.
-Филхармонија ја завршува оваа неубава година за сите, со прекрасен Новогодишен концерт кој го насловивме „Нова година – Нов почеток”, со надеж дека навистина ќе отпочнеме едно ново и поубаво поглавје во нашите животи. Традиционалниот концерт за новогодишните празници, и овој пат ќе донесе позитивна нота и оптимизам за да почнеме повторно да дишеме со полни гради. Животот не би имал смисла без музика, затоа и Филхармонија не престана да работи од самиот старт на новата сезона. Одржавме голем број на концерти, симфониски, камерни, рецитали, сите организирани под најстроги критериуми, но сите до еден, со одличен фидбек од страна на музичката јавност, вели Тина Иванова, в.д. директорка на Филхармонија.