Во Србија се води голема потрага по телото на Данка, таткото на убиецот заврши во притвор

Српската полиција се уште трага по телото на малата Данка Илиќ. Осомничените за нејзиното убиство беа сослушани во обвинителството, по што судот им одреди 30-дневен притвор.

Како што потсетува Телеграф.рс, осомничениот Срѓан Јанковиќ се бранел со молчење во обвинителството, додека Дејан Драгијевиќ го признал делото, а потоа рекол дека татко му и брат му помогнале да го сокрие телото. Во неделата стигна и информацијата дека неговиот брат починал во притвор, додека на таткото по сослушувањето му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.

Репортерите на порталот Телеграф биле во селото Злот, каде живее еден од осомничените. Полицијата ги пребарала неговите два имота, исушена е и септичката јама, но телото на малата Данка се уште не е пронајдено.

Работниците на локалниот Водовод, 50-годишните Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, прво го прегазиле девојчето со автомобил, а потоа го задавиле и го фрлиле телото. Двегодишната Данка Илиќ, чие исчезнување беше пријавено на 26 март, била жртва на сообраќајна несреќа, но и на монструозно злосторство што го извршиле двајца сторители кои нејзиното тело го фрлиле во дива депонија, а полицијата се сомнева дека еден од осомничените потоа телото го пренел на друга локација, соопшти во четвртокот, Министерството за внатрешни работи на Србија по десетдневна потрага.

Братот на осомничениот за убиството на двегодишното девојче Данка Илиќ, кој беше уапсен поради сомнение дека му помогнал на својот брат, почина вчера во полициската управа во Бор, соопшти МВР на Србија, пренесува Танјуг.

Министерството за внатрешни работи на Србија наведува дека на осомничениот му се слошило во раните утрински часови и починал во 3 часот и 10 минути и покрај навремената реакција на лекарите од Здравствениот дом во Бор, кои се обиделе да го реанимираат.

Судскиот лекар изјавил дека се работи за природна смрт.

Српските медиуми повикувајќи се на неофицијални извори наведуваат дека причина за смртта е срцев удар.

Претходна вестДел од општина Карпош денеска без вода
Следна вестРакометарките убедливо ја совладаа Литванија