Вселенскиот патријарх Вартоломеј годинава лично ќе дојде во Македонија за да и го врачи Томосот за автокефалност на МПЦ-ОА која се очекува да ја признае како Охридска Архиепископија. Ова вчера во Бигорскиот манастир го најавил архиерејот на Вселенската патријаршија г. Кирил, кој дојде во Бигорскиот манастир од Вселенската патријаршија со благослов на патријархот вселенски г.г. Вартоломеј. Митрополит Кирил учествуваше на прославата на именденот на старешината на Бигорскиот манастир епископот атаниски Партениј.
Весникот „Нова Македонија“ информира дека митрополитот на Вселенската патријаршија веста за доаѓањето на патријархот Вартоломеј ја сопштил по одржаната заедничка литругија.
– По заедничката литургија на митрополитот г. Тимотеј, надлежен архијереј на дебарско-кичевската епархија на МПЦ-ОА, заедно со епископот антаниски г. Партениј, архијерејот на Вселенската патријаршија г. Кирил, кој дојде во Бигорскиот манастир од Вселенската патријаршија со благослов на патријархот вселенски г.г. Вартоломеј, пред верниците тој соопшти дека „годинава неговата божествена светост, патријархот вселенски г.г. Вартоломеј ќе ја посети Македонија и на поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, лично ќе му го врачи очекуваниот томос за автокефалноста на Македонската православна црква од Вселенската патријаршија“, се наведува во информацијата што ја објавува „Нова Македонија“.
Според очекувањата и најавите од Вселенската патријаршија, МПЦ-ОА ќе биде признаена под името Охридска Архиепископија. Во своето обраќање митрополит Кирил од Вселенската патријаршија неколкупати го употребил името Охридска Архиепископија.
– Јас ја имам честа да доаѓам од Константинопол, од сечесната Вселенска Патријаршија, Мајката на Црквите. И доаѓам за да ги пренесам благопожелбите, љубовта и целивите на нашиот Вселенски Патријарх, најпрво на Архиепископот г. Стефан, потоа на мудриот, возљубен и честит Митрополит г. Тимотеј, и секако, на оној кој празнува – Преосвештениот г. Партениј. Единството на Црквата е благослов од Бога. Високопреосвештениот Митрополит г. Тимотеј е еден значаен и мудар Митрополит. Тој е човек кој работи со смирение и со чесност. И тој е оној што ги промовира единството и каноничноста на Црквата, затоа и се радуваме денес на таа убавина да бидеме заедно овде со клирици и лаици од Охридската Архиепископија, и браќа и пријатели клирици од Грција и од други места. И од срце му благодариме на Високопросветениот. Тој е еден од јерарсите кој е почитуван од Вселенскиот Патријарх. Со можноста да се собереме денес, би сакал да ми дозволите да му предадам сребрен медалјон што го издаде Патријаршијата по повод триесетте години патријархување на Вселенскиот Патријарх, рече тој.
Се уште е непознато каква ќе биде содржината на Томосот за автокефалност од Вселенската патријаршија. Фактот што се најавува укажува дека некои дилеми кои постоеле околу надлежноста врз дијаспората и слично би требало да се расчистени во релациите меѓу Вселенската патријаршија и МПЦ-ОА. Добивањето на Томосот од ВП е важно бидејќи со тоа нашата црква ќе биде запишана во диптихот-регистерот на постоечки автокефални Православни Цркви.



