За 8 дена почнува 13-тото издание на „МакеДокс“

На 18 август во Скопје се отвора 13-тото издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Филмовите ќе бидат прикажувани на четири локации, и тоа во Куршумли-ан, плато на Музеј на Македонија пред Куршумли-ан, МКЦ и „Europe House Скопје“. Четвртото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи во МКЦ на 22 и 23 август.

„Лупење идеи“ е мотото на годинешниот фестивал, а програмата беше претставена денеска на прес-конференција.

-По две бурни години за целиот свет време е повторно да си дадеме сила за реализирање на идеите. Но, овојпат од нова перспектива, да ги излупиме старите лушпи и одново да создаваме на новите бели слоеви. Сметаме дека делот на процесот на развој на документарниот филм е многу значаен, особено за регионот каде на овој процес од создавањето на филмот обрнуваме многу малку внимание. Затоа оваа година развојот на идеи го поставивме во фокусот на фестивалот. Среќни сме што после две години ќе имаме фестивал без рестрикции и со голем број странски гости, истакна Дарко Набаков, извршен директор на 13. издание на фестивалот „МакеДокс“.

Фестивалот ќе трае до 25 август, а најавени се околу 70 гости од странство.  Во програмата се предвидени 71 документарни остварувања во пет натпреварувачки категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови и Студентска програма, додека сите филмови се дел од компетицијата за наградата Етички идеи. На фестивалот ќе се доделат пет награди, а во комисиите за награди членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот свет. Надвор од компетиција, но значајни фестивалски програми се Земја во фокус – годинава тоа е Чешка и Програмата за деца и младинци.

Фестивалот ќе биде отворен на 18 август, во Куршумли-ан, со документарниот филм „Сѐ што дише“ (All That Breathes) на режисерот Шаунак Сен (Shaunak Sen), филм кој е индиско-британска копродукција, а пред него ќе биде прикажан белгискиот краток документарен филм „Иднината е водена палата“ (Tomorrow Is A Water Palace) на режисерката Хуанита Онзага (Juanita Onzaga).

 

Претходна вестДвајца починати и 693 нови случаи на Ковид 19 во последните 24 часа
Следна вестПо топлотниот бран – освежување, на места со невреме и пороен дожд