Заврши истрагата: Возачот ја загубил контролата врз автобусот по што загинаа 45 лица

Губењето контрола на автобусот од страна на возачот и големата, несоодветна брзина на возење според условите на патот, е причина за ужасната сообраќајна несреќа на македонскиот автобус кај бугарскиот град Струма, покажа истрагата. Бугарското обвинителство ја завршило истрагата за несреќа на автопатот којашто се случи на 23 ноември и во која загинаа 45 македонски државјани, меѓу кои и 12 деца, како и возачот на автобусот.

Заменик-главниот обвинител Борислав Сарафов за БТВ изјави дека причината за несреќата е губењето контрола на автобусот од страна на возачот и несоодветната брзина на возење според условите на патот.

-Тоа е една човечка трагедија без преседан по бројот на жртви, но и без преседан, како интензитет на работа што ја завршивме. Истрагата е завршена и останува само по судски пат да бидат известени властите во Македонија. Со оглед на тоа дека и семејствата на настрадните имаат право да се запознаат со материјалите од истрагата, изјави Сарафов.

Заклучоците треба да бидат испратени до македонските власти, откако двете страни на денот на несреќата се договориле истрагата да ја води само бугарската страна. За автобусот се знае дека е стар 14 години, сопственост на македонскиот превозник „Беса транс“, а последен пат поминал на технички преглед три месеци пред несреќата.

Претходна вестПолицијата казнила 131 возач во Скопје
Следна вестМакедонија урна црн рекорд: Најмногу новозаразени во еден ден од почетокот на пандемијата