По ерупцијата на вулканот на полуостровот Рејкјанес во Исланд, лавата денеска стигна до источниот дел на малиот евакуиран град Гриндавик, објавија локалните медиуми. Силни и брзи текови лава почнаа да течат доцна синоќа, но властите велат дека оттогаш значително се намалиле, објави Би-би-си.
Активноста околу пукнатината, првично долга три километри, исчезна. Метеоролошката канцеларија на Исланд соопшти дека лавата сè уште тече, но со намалена брзина. Во јужниот дел на Исланд од синоќа е во сила вонредна состојба. Директорот на Исландската цивилна одбрана Видир Рејнисон изјави дека сѐ што може да се направи е направено и дека сега најголема грижа е како лавата ќе влијае на инфраструктурата.
Вулканот на полуостровот Рејкјанес на Исланд еруптираше вчера по четврти пат од декември, исфрлајќи големо количество лава во воздухот. Се верува дека ова е најсилната ерупција од декември. Луѓето беа евакуирани и од популарното туристичко место, спа центарот Сина лагуна. Вулканот последен пат еруптираше во почетокот на февруари, го доведе до прекин централното греење за 20.000 луѓе, додека лавата уништи патишта и цевководи.