Бранко Црвенковски: Договорот и „заедничката историја“ со Бугарија беше грешка, од „македонизмот“ не смееме да се откажеме  

Потпишувањето на Договорот со Бугарија со таа содржина, посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешка. Ова е став на поранешниот македонски претседател Бранко Црвенковски. Тој денеска зборуваше на трибина организирана од Дипломатскиот совет при што изнесе видувања и за други состојби во општеството.

Црвенковски потенцира дека не би ставил знак на еднаквост меѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство и соработка со Бугарија бидејќи Преспанскиот договор, кој тој го смета за избор на помало зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање.

-Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно, туку напротив ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија кои до таа мерка задираат во нашиот национален идентитет и историја, што компромис едноставно не е можен. односите со Грција затоа се неспоредливо подобри по потпишувањето на договорот, но сосема спротивно, односите со Бугарија се неспоредливо полоши  по отколку пред потпишувањето. Или да бидам директен: Потпишувањето на Договорот со Бугарија со таа содржин , посебно со формулацијата за „заедничка историја“ и формирањето на мешовитата историска комисија со мандат да арбитрира околу историските настани и личности беше голема грешкаТезата која се пласираше во јавноста дека за националниот идентитет не преговараме, а за историјата „ќе се договориме“, во самата своја основа е апсурдна. секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес кој се потпира на одредени историски меѓници настани и личности. Ако тие ви бидат одземени, од националниот идентитет не останува ништо, порача Црвенковски во ова трето јавно обраќање годинава.

Тој доаде дека секој и сечиј национален идентитет е резултат на историски процес кој се потпира на одредени историски меѓници, настани и личности.

-Ако тие меѓници ви бидат одземени и прогласени за туѓи, од националниот идентитет не останува ништо освен празна реторика. Книга со корици и празни листови. Јас не тврдам дека и без договорот, Бугарија немаше да стави вето. Но во тој случај барем не ќе можеше да го користи аргументот кој постојано го повторува дека Македонија не ги исполнува превземените договорни обврски. Позициите презентирани од страна на официјални претставници на Република Бугарија се такви што не оставаат простор за било каков оптимизам. Да се потсетиме само на изјавата на Претседателот Радев дадена за време на неговата посета на Берлин: „нема да дозволиме македонизмот да влезе во ЕУ.“ Е, па, ние од „македонизмот“ ниту можеме ниту смееме да се откажеме, нагласи поранешниот македонски претседател.

Црвенковски повика и на изготвување на национална стратегија.

-Сметам дека е неопходно, не напуштајќи ја определбата од највисок приоритет за што е можно побрзо отпочнување на преговорите за придружување со крајна цел- полноправно членство во Унијата, да изготвиме национална стратегија за дејствување и при други можни сценарија со кои би можеле да се соочиме и без наша волја и спротивно на нашите желби, рече тој.

Тој искажа симпатии кон иницијативата „Отворен Балкан“, не затоа што Македонија беше еден од иницијаторите, туку пред се затоа што таа иницијатива произлезе изворно, од самиот регион и со самото тоа заслужува дополнителна почит и поддршка.

Но, и ги критикуваше институциите кои ја водат надворешната политика.

-Постојано од сите институционални нивоа, и од власта и од опозицијата, се повторува дека САД се нашиот најважен стратешки партнер.. И сега погледнете го следниот апсурд. Македонија во Вашингтон нема свој амбасадор цели 4,5 години. Тоа е апсолутно неодговорно и недозволиво. Но, има и од лошо-полошо. Република Македонија си дозволи во два наврати да предложи кандидати кои од страна на САД не беа прифатени. Штетата која со вакви неодговорни постапки се нанесува на угледот на Република Македонија е огромна. За ситуацијата да биде уште покатастрофална во подолг временски период имаше уште десетина земји каде ние немавме свој амбасадор. Денес ситуацијата е следна: во Кина, постојана членка на Советот за безбедност и светска веле-сила немаме амбасадор 3 години. Белград-4 години, а уште празни се и амбасадите во Брисел, Анкара, Тел Авив, Каиро, Бразилија…, предупреди Црвенковски.