Слушна ли МПЦ што порачуваат граѓаните за раководењето на црквите во дијаспората?

Најавата дека во Томосот за автокефална црква што се очекува наскоро да го добие МПЦ-ОА ќе се регулира и јурисдикцијата врз нејините епархии во странство предизвикува стравување кај граѓаните. Посебно на оние кои живеаат во дијаспората и се поврзани со бројните македонски цркви кои делуваат во рамките на четирите Епархии во Австралија (2), Европа и Северна Америка.

Нашите сонародници се загрижени од можноста јурисдикцијата врз овие Епархии да ја преземе Вселенската патријаршија која треба да го издаде и да ги формулира Томосот за автокефалност. Таков пример веќе има во последниот Томос којшто ВП го има издадено на Православната црква на Украина и во којшто е  наведено дека таа „не може да поставува епископи или да оснива задгранични епископии во странство“, како и тоа дека „сите постоечки се повинуваат на Вселенскиот престол кој ја има канонската компетенција врз дијаспората…“. Впрочем Вселенската патријаршија на 9 мај соопшти дека јурисдикцијата на нашата Црква се простира само во „границите на државата Северна Македонија“.

Прифатливо ли е ова за МПЦ-ОА? 

Синодскиот портпарол владиката Тимотеј неодамна изјави дека вакво нешто не се планира, но тој не кажа и како конкретно ќе биде уреден односот кон епархиите во дијаспората кои што сега се под јурисдикцијата на МПЦ-ОА во странство, ако Вартоломеј праќа други сигнали.

Ваквите дилеми веќе предизвикаа реакции кај нашите сонародници во странство, посебно во Австралија каде се има голема македонска црковна заедница. Игор Александров, генерален раководител на Македонската православна заедница од Австралија од Сиднеј вчера ни изјави дека нема да се прифати нивно ставање под управа на Вселенската патријаршија.

– Се разбира дека нема да ја прифатиме јурисдикцијата на Цариградската патријаршија. Не прифаќаме ничија јурисдикција освен на онаа МПЦ што постои како афтокефална од 1967. Такво преминување во нечија друга јурисдикција не го дозволуваат ниту Уставите на нашите самоуправни црковни општини. Основни начела на нашите самоуправни устави се одржување и афирмација на етноисторискиот идентитет на Македонците во сите делови на поделена Македонија, како и одржување служби на македонски јазик, со македонско свештенство. Цариградска јурисдикција се коси со тие законски заштитени заложби, наведе Александров.

На сето ова реагираа и граѓаните кои бараат да бидат целосно запознати со тоа што се планира и договара околу епархиите во странство. Односно, бараат одговори кој ќе биде сопственик на верските објекти, на кој јазик ќе се држат проповеди, кои свештеници ќе ги водат службите…

– Од ова се плашев, брзо се покажа и што сега? Чии се црквите во дијаспората, на кој јазик ќе биде богослужбата, што со нашите таму? Нели од нивни пари се градени црквите?, праша една граѓанка во коментарот на Фејсбук-страницата на „Скопско ехо“.

Друг граѓанин прашува зошто би морала да се прифати друга јурисдикција?

-Зошто би прифатиле нивна јурисдикција? Самостојно можете и умеете да функционирате. И онака сите верски храмови (цркви и пропратни објекти) се создадени од Македонците без ничија помош, потенцира тој.

Трет граѓанин предупредува на можни поделби.

-Тешко нас. Повторно поделби на Патријаршисти , Егзархисти, Србомани, Бугарофили, Гркомани… Македонијо, не давај твоите чеда се се глодаат меѓусебно, порача овој граѓанин.

На потег е Синодот на МПЦ-ОА. Тој треба да постави стратегија и да прати свое видување на работите до Вселенската патријаршија, како и до Спрската православна црква која ја предложи нашата црковна автокефалност. Секако, македонските црковни достоинственици треба добро да ги слушнат и разберат пораките коишто доаѓаат од верниците.

Инаку, прашањето на јурисдикцијата на епархиите на Православните цркви надвор од нивни матични државни граници е прашањето за кое долго време се водат преговори меѓу православните цркви. Една од опциите за кои се бара општа согласност е да се формораат посебни Совети на епископи од православните цркви со кои би претседавал архиепископ од Вселенската патријаршија. Но, сите правослвани цркви би ги задржале богослужбите на мајчин јазик, сопственоста врз имотите, правото да поставуваат свештеници… .

Сепак ова е нешто за што долго се разговара и тешко се доаѓа до консензус во православниот свет. Што ќе биде до тогаш со македонските православни цркви во дијаспората?  

Претходна вестКамион тешко повреди пешак во Центар
Следна вестБранко Црвенковски: Договорот и „заедничката историја“ со Бугарија беше грешка, од „македонизмот“ не смееме да се откажеме