Темен режим Режим на светлина

Добиваме единствен број за итни повици – 112, ќе бидат ли итни и услугите?

По цели 14 години откако почна да се прават активности од денеска во Македонија треба да стартува европскиот број за итни повици – 112. Со тоа сите граѓани кои ќе имаат потреба за услуги на полицијата, итната медицинска помош или противпожарната бригада, од каде било во земјата ќе можат да ги добијат со свртување на овие три бројки. Во употреба и натаму ќе останат досегашните броеви 192, 193 и 194, што значи дека лицата кои се јавуваат ќе имаат шанса многу побрзо отколку досега да добијат соодветна услуга.

Секако дека ова е за поздравување иако толку многу години мораше да поминат за да се примени ваков технолошки процес. Но, подобро и сега отколку никогаш.

Наредниве денови и начинот на функционирањето ќе покаже какви ќе бидат искуствата на македонските граѓани со единствениот број за итни повици. Потребно е тој, односно, службите кои што го опслужуваат да функционираат така што граѓаните на најбрз начин ќе добијат итна медицинска помош, итна полициска или противпожарна интервенција.

Досегашните искуства на граѓаните бараат тоа да биде многу подобро отколку во минатиов период. Доста граѓани имаат поплаки дека е тешко да се добие оператор на  итен број дури и во критични ситуации кога секоја секунда е важна. Особено се апострофира Брзата Помош. Да, има вистина во оправдувањата на медицинарите дека телефоните им ги зафаќаат лицата кои се јавуваат за банални работи како што се повишен крвен притисок или главоболка, но проблемот си останува.

Од друга страна, како преку новиот број 112 ќе се обезбедува итна медицинска помош кога реалноста со малиот број и со старите возила останува реалност во многу македонски градови. Што ќе значи брз прием на повикот ако нема болничка кола за итно доаѓање до пациентот?

Сето ова се работи кои ќе го следат работењето на новиот единствен број за итни повици. А тоа значи дека мораат многу брзо да се подобруваат и да не се чека толку колку што се чекаше да се отвори таков број.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава

Холандија ќе укине повеќе анти-ковид ограничувања до крајот на месецот

Следна објава

Јанкулоска, Протуѓер и Јанакиески признаа вина, ќе добијат условни казни за „Титаник“