Комисија за заразни болести: Не може со сила да натераме некој да се тестира

Нема како да се натера да се тестира со сила лицето од Кичево, сомнителен случај на мајмунски сипаници, за кое се знае веќе 3 дена но одбива да соработува, велат од Комисијата за заразни болести. Од таму смируваат дека во моментот нема простор за паника од ширење на оваа зараза, но нагласуваат оти ќе предложат до Министерството за здравство посебен надзор за сомнителниот случај.

– Епидемиологот два пати бил на местото на живеење на овој пациент, разговарано е со членовите на семејството и објаснето е дека тестирањето е најдобро решение, изјави претседателот на Комисијата, Александар Петличковски.

Освен овој случај, досега во Македонија е пријавен уште еден –  мигрант кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести, но е негативен.

Во врска со случајот од Кичево, Комисијата сепак очекува дека до крајот на неделата, преку посебниот мониторинг на пациентот,  да се знае неговата точна дијагноза.

-Очекуваме во текот на наредните денови, согласно тоа постапување да имаме разрешница, изјави портпаролот Злате Мехмедовиќ, кој појасни дека со овој предлог и со помош на Државниот санитарен здравствен инспекторат и МВР ќе биде лоцирано лицето и ќе биде тестирано.

 

Претходна вестНови 600 случаи со Kовид-19 во Македонија, 10 починати
Следна вестВалентина Лисица вечерва на програмата на Охридско лето