Кризата бара одговор: Ковачевски пак да размисли за опозицискиот предлог за заеднички работни групи

Состојбите во Македонија стануваат се потешки. Економски и политички проблеми колку сакаш. Вчерашниот ден и наглото растење на цените треба да ги вклучи сите аларми. Всушност алармите вриштат во секој дом. Но вриштат ли во Владата?

Лебот поскапе и до осум денари, бензините за околу 13 денари, маслото за јадење за 20 денари… А нема навестувања дека ќе следи период на стабилни цени. Напротив, инфлацијата веќе се качи и повеќе од 10 проценти. Се најавуваат големи задолжувња кои осиромашениот народ ќе треба да ги враќа…

Очевидно е дека од ден во ден се потешко оди справувањето со последиците на поскапувањата и на недостигот од основни животни потреби. Владата, едноставно, не успева да ги затвора повеќето од проблемите што се јавуваат секојдневно: енергетска криза, запоставено земјоделско производство, раст на цените, обезвреднување на платите на вработените, се бројните сиромашни граѓани, притисоци од соседите и ЕУ…

Сериозноста на моментот бара обединување на сите сили во општеството. Проблемите полесно ќе се решаваат доколку клучните фактори делуваат заедно. Покана за такво обединување до власта неодамна упати најголемата опозициска партија.

Добро е власта сериозно да го разгледа предлогот да се формираат четири заеднички работни групи меѓу власта и опозицијата. Тие групи, без финансиски надомест, би работеле заедно со власта за подобрување на состојбите во економијата, надворешната политика и преговорите со Бугарија, здравството и образованието. 

Да, премиерот Димитар Ковачевски тогаш, кон крајот на април овој предлог го одби. Можеби и затоа што опозицијата бараше и одржување на предвремени парламентарни избори. Но сегашната состојба, нејзиното влошување, бараат идеја за работни групи повторно да биде разгледана. Предвремените избори нека бидат второстепена тема.

Власта треба да разбере дека со заедничко делување ќе се постигне повеќе, дека може да се најдат најдобри решенија и дека заедничкото делување ќе доведе и тоа да се намалат политичките конфронтации во општеството. Тоа нема да значи дека некој ќе признае дека е неспособен туку ќе значи дека сите сериозно се загрижени за иднината и дека треба да се делува обединето. 

Премиерот Ковачевски е на потег.

Претходна вестГлеј дома да има леб и млеко, но и по некој Диазепам
Следна вестУбаво: Општина Бутел додели 60 стипендии за најуспешните основци