Глеј дома да има леб и млеко, но и по некој Диазепам

Разни кризи долго време ја притискаат Македонија. Економска, здравствена, политичка… Граѓаните сето тоа го гледаат и се трудат да го издржат. Колку кризите се посилни толку издржувањето е потешко.

И така… вчера се стигна до еден ваков податок: За не цел ден биле издадени вкупно 15.700 рецепти за антидепресивот – Диазепам. Таква информација сподели доктор Ненад Лазаров на Фејсбук. Тој, претходно, периодично во текот на вчерашниот ден објавуваше прецизни податоци за бројот на издадени рецепти. Бројките беа преземени од статистиката од системот „Мој термин“ и покажаа дека како што поминуваше денот, така и се зголемуваше бројот на препишаните рецепти.

8:30 наутро, веќе се издадени 1.155 кутии Диазепам… 11 часот – 6.200 кутии… 11.000 кутии Диазепам до 14 часот, прецизно објавуваше доктор Лазаров.

Лазаров објави и дека во 2020 година биле препишани 1.310.000 рецепти Диазепам, односно, по околу 3.589 кутии по ден. А тоа е за цели  300.000 повеќе отколку што имало рецепти во 2015 година.

Ете како дел од населенито ги издржува кризите во Македонија. Познато е дека Диазепамот има изразено смирувачко дејство и се користи за лекување на широк спектар на болести и состојби проследени со анксизност, страв, немир, напнатост, несоница, напади на паника…

Сепак останува дилемата дали вака зголемената бројка на издадени рецепти се должи на тоа што вчера беше почеток на новиот месец па матичните лекари на пациентите им препишуваат редовна терапија за наредните 3 месеци, бидејќи се наближува лето и многу повозрасни пациенти заминуваат по селата и на одмор или кризата во Македонија расте па расте и побарувачката на Диазепам.

Ваквата статистика на Лазаров веднаш повлече и бројни коментари на граѓаните. Дел од нив укажуваа и на тоа дека причините за масовната употреба треба да се бараат и во актуелните состојби.

– Станавме најдепресивна држава. Нормално е тоа, високи цени, ниски плати, стандард никаков, немаштија. Преостанува само диазепамче колку толку ќе смири. Иако како бомбони се земаат од 18-88 години… Нација е константно под стрес, немаштоја, апатија, стареење, страв… Е тоа е за лекување. Апчињата се последна фаза…, пишуваа граѓаните во своите коментари.

Колку ли Диазепами се испиле денеска? Прави ли некој од дебело платените функционери нешто за да се намалуваат стресовите, кризите…?

Порано старите велеа: „глеј да има дома леб и млеко“, а сега дури и младите и Диазепамот го додаваат. Ќе мора од млекото и лебот да кратат – многу поскапеа? А поскапувањето прави стрес и потребен е Диазепам… и така во круг…

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: МО со народни пари го платило 9.384 евра Темелко Ристески, за партиска агитација и пишани 10 текста на фејсбук
Следна вестКризата бара одговор: Ковачевски пак да размисли за опозицискиот предлог за заеднички работни групи