Најкрупна грешка во Македонија е што не сме похрабри и посамоуверени

Не сме храбри да полетаме и нема јунаци да кажат „Стој“. Во нашата држава како да е тренд да не се сака државата, смета Марко Маринковиќ

Музичката ѕвезда Марко Маринковиќ – Слаткар во интервју за неделникот „Македонско Ехо“ зборува за повеќе теми. Тој смета дека со текот на времето мора да се прифатат некои европски навики како таа дека колата тргнува на зелено, а стои на црвено светло, дека мора да се почитува законот…

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

-Првите слики се врзани за дома, за мојот град, мојата Македонија. Ми се појавуваат спомени на периодот кога сум растел. Растев на улица, по цело Скопје, во населба Ново Лисиче. Таа населба ми го дала карактерот – оној музички и културолошки. Тука сум научил да зборам и оттука сум се обратил на цела нација со јазик кој го разбираат. Да ја немаше таа населба не би го имал истиот пат.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

-Не знам дали може да набројам две-три грешки. Можеби ни е грешката што не сме посамоуверени. Тоа ни е, мислам, карактерна грешка. Треба да веруваме повеќе во себе. Сите оние луѓе кои решавале тука ние сме ги избирале. Ние сме тие што бираме. Не сакам да обвинам некој политичар. Грешка е, можеби, што не сме похрабри. А зошто не сме похрабри? Низ целиот свет храброста се претставува преку м..а. Ние велиме, дали имаш газ. А тоа го нема во светот. Не сме храбри да полетаме и нема јунаци да кажат „Стој“. Во нашата држава како да е тренд да не се сака државата.

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

-Да ја водат државата како што треба не би биле каде што сме. Не може да се каже дека ја водат како што треба. Не знам дали сме самостојни и сега како држава. Кој е нашиот излез? Не има 1,5 милион Македонци во земјава, не има 1,5 милион надвор… но неконкурентни сме со спортот и во други области. Како да сме на трка во која ние возиме „застава 101“ а тие имаат „ферари“. Но, сепак, не значи дека немаме шанси, тука е нашата оригиналност. Тоа е единствен начин да парираме. И да бидеме храбри. Треба, значи, да работиме на храброста и на самодовербата.

Со што најмногу се гордеете во нашата земја?

Не знам со што би се гордеел. Можеби, со новите деца што го зборуваат англискиот јаизк подобро од македонскиот, што ја следат технологијата, работат и живеат како да е ова Париз или Лондон. Кога тие ќе дојдат на мојата возраст ќе бидеме дел од цивилизацијата. Младината е нашата гордост. Но, додека старите чуваат нешто, децата ни заминуваат оти се будат на 25 години и немаат ништо.

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

-Ми недостасува море. А не знам што би одзел. Имаме убава држава со добри луѓе. Нема погостопримливо место од ова. Има гостопримливи места во светот, но тоа е заради туризмот. Ние сме природно добри со луѓето. На гостите сакаме да му изнесеме се. Тоа ни е квалитет кој може да се искористи, таа гостопримливост, како некој што ја користи својата височина за да добро игра кошарка. Тоа може да ни помогне, само мора да сме подобри.

Во каква Македонија сакате да живеете?

-Во европска Македонија. Тоа подрабира европски закони, евроска култура, европски манири… Буквално. Ние сме дел од Европа, но го немаме тоа европско уредување. Со текот на времето мора да се прифатат тие европски навики. Тоа, дека колата тргнува на зелено, а стои на црвено светло. Односно, мора да се почитува законот. Кога тоа ќе го прифатиме ќе бидеме такви.

САКАМ ДЕТЕ ДА МИ РАСТЕ ТУКА, А НЕ ДА СЕ ПРЕТОПИ НЕКАДЕ

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

-Не сум сигурен дали сум и дал доволно. Но, сум решил да растам тука, немам потреба да бегам. Сакам дете да ми расте тука и да не отиде некаде и да се претопи, на пример, во Германец. Мислам дека ќе направам се да дојдеме како држава во тој стадиум. Јас сум зел пушка на мој начин. Треба да се бориме со ум и со памет, а не како што се бореле нашите претци, за да ни пркне државата и да биде силна.