Се појави сопственикот на дивоградбата кај „Мавровка“: Ќе тужам и ќе барам отштета за уривањето

На суд ќе ја барам правдата, а ако треба ќе одам и до судот во Стразбур заради денешното уривање. Ги имав сите дозволи за обновата на објектот, изјави денеска Мевљудин Алити, сопственик на објектот кај ТЦ „Мавровка“ кој денеска беше урнат како дивоградба. Алити реши денеска за првпат да се појави во јавноста откако неколку месеци владееше мистерија кој е инвеститор на бетонската градба.

Тој и неговиот адвокат објаснуваа дека според Законот за градба немало потреба да добијат дозвола за градба бидејќи го обновувал изгорениот објект.

-Не градев нов објект туку го обновував изгорениот објект, кој претходно беше со метална конструкција. На градот сум му платил 4,7 милиони денари за легализација на објектот, а на Општина Чаир сум ѝ доставил елаборат и проект. Не знам зошто градоначалникот Висар Ганиу велел дека не знае кој гради. Според законот, за обнова на објект треба само да се достави проект и елаборат. Јас тоа го направив пред да почнам да градам. Нема никакво ограничување со што ќе го обновам објектот кој сум го легализирал. Немаше да кревам втор спрат, рече Алити.

Тој додаде дека досега не излегувал во јавноста бидејќи ова било приватна инвестиција.

И неговиот адвокат најави дека по судски пат ќе бараат отштета и дека Алити имал легално право да го обнови објектот.

Претходна вестМлади се журкале во „Бисер“, надлежните пак доцнат со реакција
Следна вестПри претрес на куќа во Арачиново пронајдена марихуана