Синдикалецот Ристов: Оваа година изгледа Дедо Мраз порано дојде во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

Посебно задоволство од денешното потпишување на колективен договор помеѓу Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Собранието изразија денеска синдикалните претставници на најголема високообразовна институција во земјава. Ангел Ристов, претседател на Синдикатот на УКИМ извести дека ова е историски чин бидејќи ваков договор првпат се потпишува во историјата на нашата држава.

-Ова е историски чин затоа што првпат во историјата еден државен универзитет потпишува ваков колективен договор со Собранието на Република Северна Македонија со што конечно очекуваме и потврдуваме дека државата ќе го поддржи високото образование, а се во интерес на развој и напредок на државата, на образованието и на науката. Оваа година изгледа Дедо Мраз порано дојде во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, рече Ристов.

Тој додаде дека со потпишувањето се прифатија нивните заложби врз основа на кои во 2024 и 2025 година ќе дојде до значително покачување на платите на вработените. То тоа ќе се придонесе за поквалитетен развој на науката и високото образование, во интерес на студентите и на државата.

Претходно, Ристов го потпиша договорот заедно со Талат Џафери, претседател на македонскиот парламент. Потпишувањето на договорот следи по протести и низа преговори за зголемување на платите со претставници на Владата. Синдикатот бараше да се потпише колективниот договор за да се овозможи постепено покачување на платите, за кои сметаат дека се најниски во регионот. Она што го бараа синдикалците е покачување од по 25 проценти на годишно ниво, за по четири години да се достигне ниво од 100-процентно покачување на платите. Новиот Колективен договор засега околу 2 400 вработени на УКИМ од кои околу 1 000 се ненаставен кадар.

Претходна вестМилион возила украдени во САД
Следна вестТешка сообраќајка на патот Јажинце-Тетово