Скопјани му скокнаа на шефот на кабинет на Шилегов за Универзална: Џабе везете, никој од Скопје не ви ја прифаќа одлуката

Откако се обиде да ги одбрани тезите на Град Скопје за Универзална Сала и нејзината можна дислокација односно градење на парк на истото место, шефот на кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов Никола Наумоски доби низа од коментари со критика. Во продолжение статусот на Наумоски и дел од коментарите на граѓаните кои реагираа на овој негов пост.

Не можам да речам дека беше неочекувана реакцијата на многу Скопјани во однос на конкурсот за парк на местото на Универзална Сала, затоа што секогаш кога се расправа за прашања со кои луѓето емотивно се врзуваат е тешко да се разбереш преку аргументи. Но, ајде да се обидеме да одговориме на сите слушнати и прочитани тези овие два дена и да се обидеме да ги одговориме.

1. Универзална сала е монтажен објект, нема можност за проширувања, доградби, паркинзи и пристапи

Во изминатите петнаесетина години изготвени се три проекти за реконструкција и изградба на салата, што идејни, што основни. Ако се реконструира салата, тогаш не може да се додадат нови содржини како придружни сали, галериски простори, конференциски сали, холови, продавници и кафетерии. Предноста на реконструкцијата е во избегнувањето на обврската да се обезбеди паркинг место за секој посетител, како во случајот со новата градба. На тој начин, Универзална може да работи само со сегашните 40 (со букви: четириесет) паркинг места. Тоа би било сосема несоодветно, но законските услови не предвидуваат обврски за паркинг кога се реконструира објект, само кога се гради нов. Последниот проект за реконструкција на салата предвидува трошоци од околу 17 милиони евра (задржување на конструкцијата и градбата, со мали доградби и реновирана концертна сала со гледалиште).
Изградбата на нова сала на оваа локација е замислена со таканаречениот проект „Јајце“ од 2013-та кој чини далеку повеќе, но според правилникот за стандарди и нормативи за градба треба да има 1000 паркинг места соодветни за проектираното гледалиште и придружните содржини.

2. Локацијата е несоодветна заради близината на зградите и тесните улички

Сегашната локација на Универзална била зацртана сред Железничка Колонија/Буњаковец пред 50-ина години кога маалото изгледало многу поразлично од сега. Во тоа време речиси и да немало објекти повисоки од два спрата во внатрешноста на маалото, а денес речиси и да нема пониски од четири. Улиците и тротоарите се закрчени со паркирани коли, по нив не можат да се движат автобуси и камиони за опрема без да бидат опасни за децата во блиските градинки и школи, но и за останатите соседи од маалото. Дополнително, маалото е веќе пренаселено со луѓе и ги надминува параметрите предвидени со ГУП-от за густина на населението. Во деновите кога би се одржувале настани во Универзална, овие жители, нивните улички, тротари и паркинзи би биле преплавени од посетители на салата и нивните возила.

3. Градот намерава да спои две институции под исти кров

Град Скопје смета дека Театарот за Деца и Младинци треба со децентрализација да му припадне на Градот и да го дели кровот во новиот објект со градската институција. Ова секако би значело соодветна сала за детски претстави, гримиорни, простори за проби, гардероби, сценографии и други театарски потреби. Подразбира посебен влез и одвоеност на театарот и гостите од останатите. Дополнително, во моментов во Скопје постојат 6-7 културни институции со нерешено прашање за нивното седиште (ТДМ, Драмски, Комедија, Танец, Турски Театар, Универзална…) и идното делење на објектот со некоја од нив би значело одговорно планирање на парите од националниот буџет (од каде во секој случај ќе се плати изградбата на салата). Изборот на ТДМ за соодветен партнер се должи на можноста за надополнување на термините за изведби и проби, со оглед на тоа што изведбите на овој театар се најчесто денски, а и ќе се овозможи и разноликост на публиката во објектот. Реконструкција на постоечката Универзална Сала нема да може да ги задоволи просторните потреби на двете институции.

4. Парк Универзална Vs. Парк Треска

Многумина во јавноста пласираа тези со кои на овој начин им се излегува во пресрет на инвеститорите на просторот на некогашната фабрика Треска, односно со создавањето на парк од 10.000 квадрати кај Универзална се откажува паркот што тие се надеваа дека ќе се направи на местото на Треска. Разликата помеѓу едниот и другиот простор е што едниот е државен, а другиот приватен. За да се направи јавен простор (парк) на приватно земјиште, тоа мора да биде експроприирано и тоа по методи и цени предвидени со закон. Ги предизвикувам протагонистите на оваа идеја да ја направат својата најоптимистичка проценка за вредноста на земјиштето и да и ја претстават на јавноста. Јавноста има право да знае колку чинат плановите што тие ги промовираат. Моите пресметки се доближуваат до троцифрена бројка милиони евра (сметајќи ги квадратите помножени со нивните цени на дадената локација), но ги предизвикувам нив да ги соопштат за сите да видиме со какви крајности си имаме работа.

5. На Центар му фалат зелени површини, а не културни објекти. Во моментов имаме преку 20 државни и десетина приватни културни институции и простори во општината

Општина Центар е една од ретките општини што има мисија секое државно земјиште во новите ДУП-ови да го направи јавно/зелено. Град Скопје на тој начин минативе две-три години ги направи паркот Ибни Пајко и кровот на ГТЦ во Центар, новиот градски парк во Карпош 4, парковите крај пругите во Кисела Вода и Аеродром… Тоа се локации на кои била предвидена градба или друга намена, а сепак, заради разбирање на потребата од јавни простори и зеленило, тие во моментов се претвораат во паркови. Зазеленувањето на овие простори ги надмина сите досегашни рекорди на Паркови и Зеленило и предвидените пари за зеленило во градскиот буџет, а притоа не е исплатен ниту еден денар за експропријација. Експропријација на приватен имот за создавање на паркови е благородна идеја и треба да се држи отворена постојано, но само на места каде е реално спроведлива.

Центар е општина со најмалку зеленило од сите во Скопје и потрагата по нови простори не смее да запре. Настрана од уништените зелени парцели со проектот СК2014, растењето на објектите во станбените делови на Центар предизвика квалитативно нарушување на зеленилото (стотици, ако не илјадници дрва се пресечени во приватните парцели каде се градело). Затоа, секој државен простор треба да биде зазеленет, а секој двор на државна институција во Центар да биде отворен за уживање на жителите, како што направија Град Скопје и Архитектонски Факултет со паркот на двесте метри од Универзална. Така и со просторот под и околу салата – може бесплатно да се претвори во парк бидејќи се работи веројатно за последното државно земјиште во маалото..

6. Наследството од периодот на солидарноста не се напушта, туку се вреднува

Свесни дека носталгичните чувства и сентименталноста на Скопјани се легитимна почетна позиција во секое општествено прашање, во проектната задача на конкурсот предвидовме задолжителни критериуми кои треба да ги задоволат овие барања. Архитектите на конкурсот се задолжени во осмислувањето на паркот да искористат делови од сегашната конструкција, партерот, внатрешните градби и сл., на начин на кој ќе оддадат признание за нејзината архитектонска и историска вредност.

Би сакал да ја нагласам разликата меѓу поранешната и сегашната градска администрација во однос на пост-земјотресното наследство во градот. Ако едните упорно се обидуваа да ја избришат секоја трага менувајќи ги фасадите на зградите, имињата на улиците и симболите на тоа наследство, другите упорно се обидуваат да го надоместат изгубеното. Оние топоними за кои во целост одлучува Градот, како катните гаражи, веќе имаат сменети имиња (Беко и 26-ти Јули). Враќањето на имињата на улиците е започнат процес од минатата година кој што треба да финишира за неколку месеци, вратена е пораката на Тито до Скопјани на ѕидот на Старата Железничка Станица, во тек е голема реконструкција на Музејот на Град Скопје, направени се нови содржини за враќање на животот во ГТЦ, издадени се десетици книги, сликовници, монографии за наследството од периодот на солидарноста. Градот дури и финансира курсеви за децата за наследството од брутализмот во архитектурата учејќи ги да ги сакаат објектите со вистинска вредност во Скопје, наспроти карикатуралните шампити од СК2014. Оваа градска администрација не го напушта наследството од скопскиот земјотрес, туку, напротив, го вреднува како никој досега. А, богами, и меѓу сегашните институции не се гледа некоја конкуренција во овој однос.

7. Конкурсот за паркот Универзална претставува втор дел од СK2014?

Ова според мене е најнавредливата споредба и треба да се сосече во корен. СК2014 значеше уништување на паркови за изградба на згради (20-ина паркови и јавни простори во Мал Ринг станаа градилишта), значеше бришење на дотогашниот изглед и наследство на градот, испраќаше пораки на политичка тоталитарност и, што е најважно, проектот беше спроведен со административно и физичко насилство врз процедурите и луѓето кои што се спроведуваа. Речиси ниеден објект не беше изграден со јавен конкурс, како што е пракса сега, а кога имаше конкурси со неповолни исходи, се поништуваа се додека не победеа барокните решенија. Фасадите на зградите беа менувани со тендер, а не со конкурс, и тоа откако нивната статус на заштита намерно ќе беше тргната.

8. Универзална нема да се руши, туку ќе се гради. Прашањето е каде?

Да бидеме на чисто, Скопје нема да остане без своја сала за универзални намени (не само концерти!). Град Скопје нема да остане без една од 8-те свои културни институции. Нејзиниот објект треба да изграден на локација која што ќе биде лесно пристапна, доволно голема да ги задоволи просторните услови за седење, движење и рекреирање на посетителите. Според мене, Универзална треба да се извади надвор од центарот на градот за да биде лесно пристапна и за луѓето што доаѓаат надвор од Скопје, онака како што се лоцирани новите градски сали и конгресни центри во Белград, Загреб, Софија, а веројатно и секаде низ развиените градови.
Битно е да се нагласи дека градот нема донесено конечна одлука за дислоцирање на салата и дека ова значи започнување на процесот на јавна дебата. Ако се одлучиме дека треба да се гради на истото место, ќе се соочиме со објективни просторни проблеми (пристап за посетители и сценска техника, паркинг за возила и автобуси, мал капацитет на гледалиштето и недостаток од други содржини во објектот освен главната сала). Ако се одлучиме за некоја друга локација, ќе треба да ги надминеме носталгијата и емотивната неразделност со Универзална и тоа разбирливо не е лесно за никого.

9. СК2014 треба да се руши, а не Универзална

За ова прашање ми е најдраго што одеднаш се појавија толку многу сојузници. Малку ми беше чудно што тоа сега го бараат и луѓе кои своевремено не го перцепираа СК2014 како ништо друго сем „пералница за пари“ и целосно ги игнорираа аспектите како културно наследство, животна средина, сообраќај, јавни простори итн. Драго ми е што 10-ина години отпосле ги гледам како бараат рушење на СК2014 и тоа е навистина охрабрувачки. Ги повикувам да го засилат притисокот и кон градот, но и кон другите институции (кои што располагаат со 99% од барокните објекти) за да можеме што поскоро да пристапиме кон решавањето на ова прашање. Исто така, ако ова прашање им е толку при срце, а моќта за негово решавање е во централни раце, потребно е да се постави како приоритет на изборите каде се избираат оние што можат да го решат, а по изборите да им досаѓаат со барања за исполнување на ветеното.

Би сакал да додадам и дека СК2014 не се само објектите, градбите и спомениците, туку и многу други придружни помали проекти. Град Скопје ги смени топонимите (македонска фаланга и тодор александров), започна со менување на имињата на улиците, ги тргна симболите од СК2014 од сите градски промотивни материјали, „детската стража“ што ги чуваше спомениците е тргната, сувенирите и монографиите со овој проект се закопани длабоко во архивите и не се користат. Знам, не е многу, ќе рече некој, но е сепак повеќе од било која друга институција. Зошто никој не се буни што слики од СК2014 има сеуште во учебниците? Зашто одбележуваме погибија на народни херои со гарда во униформа како на нивните прогонувачи? Зошто младите брачни парови се венчаваат во триумфална? Зошто се положуваат цвеќиња и одбележуваат настани пред спомениците на Никола Груевски? Софтверот на СК2014 не е почнат со деинсталација, а ние бараме уништување на хардверот.

Се надевам дека сите ќе ги почекаме резултатите од конкурсот пред да судиме и се надевам дека што повеќе луѓе со што повеќе аргументи ќе учествуваат во јавната дебата што претстои. Оваа градска администрација покажала дека знае да се повлече пред аргументите на јавноста, но и цврсто да застане зад своите кога тие недостасуваат. Примерот со зелениот кров на ГТЦ, кога голем дел од јавноста фрлаше со дрва и камења, покажува дека понекогаш е добро да се опстои во намерите (со достижни компромиси) за да се убеди јавноста во проектите.

Коментари на граѓани: Тогаш не требаше во кампања едно да ветуваме, а сега друго да правиме! Да бевме у опозиција сеа ќе ја гушкавме Универзална као шо го гушкавме ГТЦ нели? Епа не иде така.

Џабе везете, ниеден чоек од Скопје не ви го прифаќа предлогот или веќе одлука, што и да е сменете си ја и решете го Скопје 2014 како што ветивте…

На оваа објава коментираше и новинарката Снежана Лупевска Созен: По оваа ваша логика сите стари објекти, сите обележја на Скопје, да се урнат оти се градени во време кога биле на два ката? Јака логика.

Не можам да речам дека беше неочекувана реакцијата на многу Скопјани во однос на конкурсот за парк на местото на…

Posted by Nikola Naumoski on Вторник, 28 јули 2020

Претходна вестСКАНДАЛ ВО НАЈАВА: Дали на изборите гласале починати лица?
Следна вестЧаир ветува уривање на градбата кај „Фонтана“, ама „не знаат“кому да јават дека булдужерите доаѓаат