Вакцинацијата продолжува со темпо на полжав – вчера прва доза примиле само 1.391 лице

Вчера се вакцинирале 9.631 лица, од кои прва доза примиле 1.391. Досега се дадени вкупно 420.821 доза вакцини, но целосно вакцинирани со две дози се 168.284 граѓани.

Преку веб-платформата vakcinacija.mk се пријавиле 446.195 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Со последните бројки, 48 отсто од населението над 70 години, 42 отсто повозрасни од  65 години и 35 отсто над 60 години имаат примено барем една доза вакцина.

Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата – во А1 СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Според денешната статистика, останува малата бројка на дневно вакцинирани, под 1.400 (со прва доза), а причините за тоа се немањето вакцини.

Здравствените власти од минатата недела најавуваат дека во овој месец ќе пристигнат над 100.000 „Фајзер“ и 500.000 „Синовак“, како и најавите за донации од Бугарија и Грција.  Но до вчера единствено пристигнаа 30.000 дози „Синовак“ од Турција, кои властите во оваа земја ги ветија за време на неодамнешната посета на премиерот Зоран Заев на Анкара.

Претходна вестКомитет на министри на Совет на Европа: Бугарија до 1 декември да објасни зошто не го регистрира ОМО „Илинден“
Следна вестУбава идеја: Реновирана мини зоолошката градина во средното ветеринарно училиште