Во чест на македонскиот поетски великан: УНЕСКО ја чествува 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов

Во седиштето на УНЕСКО во Париз, Франција, денеска (21 март) ќе се одржи целодневна програма во чест на 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската лирика, Ацо Шопов.

Одбележувањето на јубилејот е дел од Календарот на важни меѓународни јубилеи поддржани од УНЕСКО, а почетокот на настанот е закажан за 9:35 часот и ќе може да се следи на следниов линк.

Во рамките на програмата, со која се прославува и Светскиот ден на поезијата – 21 Март, ќе биде соопштен лауреатот на „Златниот венец“ на годинашното, 62. издание на „Струшките вечери на поезијата“, како и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која се доделува во соработка со УНЕСКО.

Настанот е дел од Националната програма „2023 – Година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. Тој денеска ќе има свое обраќање на меѓународниот симпозиум во чест на Ацо Шопов по повод одбележувањето на 100-годишнината од неговото раѓање. Пендаровски ќе присуствува и на поетски перформанс и изложба во чест на Шопов, а предвидено е да има средба и со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.

Престојот во Франција, Пендаровски го почна вчера со посета на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации – ИНАЛКО, каде што оствари средба со директорот на Институтот, Жан Франсоа-Хуше, со шефот на Катедрата за македонски студии при ИНАЛКО,Фроса Пејоска-Бушеро и со лекторот по македонски јазик на Институтот, Ѓоко Здравески.

-Претседателот Стево Пендаровски е покровител на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на поетот Ацо Шопов, што се одбележува со низа настани во текот на 2023 година. Чествувањето на големиот јубилеј е во соработка со Организацијата за образование, наука и култура на ОН – УНЕСКО која, на иницијатива на Република Северна Македонија, го поддржа и се вклучи во одбележувањето на јубилејот, соопшти Кабинетот на Пендаровски.

Претходна вестМладата македонска репрезентација до 21 година ги започна подготовките за Анталија Куп 2023
Следна вестОштетен автомобил на Солза Грчева, таа вели дека дека нема да ја замолчат