Запленети 4,8 килограми злато вредни 330.000 евра при влез на ГП Богородица

Царински службеници запленија 4,8 килограми златен накит со проценета вредност од 20,4 милиони денари, по контрола на автобус на граничниот премин Богородица при влез во државата.

Во соопштението на Царинската управа се наведува дека нивните службеници на граничниот премин Богородица селектираа автобус кој сообраќал на линија Истанбул – Гостивар, при што е извршен детален претрес.

-Во пределот за багаж е пронајдена црна торба, во која во 9 пакетчиња обвиткани со најлон е откриено злато со тежина од 4,8 килограми. Возачот кој првично изјавил дека нема ништо за пријавување по откривање на златото потврдил дека торбата е негова. Во случајот е спречено избегнување плаќање увозни давачки во износ од 5 милиони денари, се наведува во соопштението.

Случајот е преземен од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги при што против возачот ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гевгелија. Златото согласно закон ќе биде предадено во Народна банка.

Претходна вестТолку ли е тешко да се најде лек за проблемот со бездомните кучиња во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“?
Следна вестШтипска „Хонда“ излета од коловозот и заврши на покрив на куќа