Левица: Изборниот систем е лош, за еден пратеник ни беа потребни 11.000 гласови, а на ДПМНЕ или ДУИ им требаа нешто над 7000 гласови

Партијата на Димитар Апасиев, Левица, повторно укажува дека изборниот модел за парламентарниот состав е лош. Наведуваат и конкретни показатели за тоа.

-​​​​Донтовиот изборен модел, поделен во шест изборни единици, заедно со неколкукратно спроведуваниот геримандеринг на нивните граници, уште еднаш ги сруши темелите на демократијата и еднаквоста како уставни категории. Ваквиот изборен модел овозможи легална изборна манипулација со гласачкото тело, што се покажува како најголем непријател за гласот на граѓаните и на штета на Левица, реагираат од оваа партија.

Појаснуваат дека согласно логиката на овој неправеден изборен модел, 23.725 гласови односно 34.55% од добиените гласови на Левица, не се валоризирани во пратенички мандати.

-Овој изборен модел го поништил секој трет глас за Левица! Па така, за Левица да добие еден пратеник биле потребни околу 11.000 гласови, додека за еден пратеник на ДПМНЕ или ДУИ било потребно нешто над 7000 гласови. Доколку гласовите беа вреднувани еднакво, Левица во овој пратенички состав ќе имаше најмалку 2 пратеника повеќе во овој парламентарен состав. Ако се земе предвид и ваквиот дефицит од претходните парламентарни избори, во текот на овие осум години, со овој изборен модел, на партијата ù се скратени најмалку 5 пратеници што е еднакво на парламентарна група, истакнуваат од Левица.

Додаваат дека ваквиот демократски дефицит кој го создава овој изборен модел не смее да продолжи. Според нив, гласот на граѓаните мора еднакво да биде вреднуван.

-Заради тоа, услов на Левица, за било каква идна влада, ќе биде промена на изборниот модел, воведување на една изборна единица и императивен мандат на пратениците, се истакнува во соопштението на Левица.

Претходна вестВо битолско училиште родители истепале наставничка и соученик на нивниот син
Следна вест11 мигранти од Непал сакале илегално да влезат од Македонија во Грција