Вообичаено е луѓето да одат во скопскиот клинички центар за да им се подобри здравјето. Но вчера не било така за 38-годишник кој во клиничкиот круг е повреден откако го нападнале бездомни кучиња.
Глутница кучиња почнала да го брка несреќниот скопјанец кој почнал да бега, па паднал и се повредил. Во полицискиот извештај не се спомнува дека бил и искасан од кучињата.
Дали овој случај ќе ги алармира надлежните за конечно да се реши проблемот со бездомните кучија кои просто „дежураат“ во кругот на централната здравствена институција на Македонија? Глутницата од десетина кучиња веќе со години е одомаќена, шетаат околу централната болничка кујна на улица „Белградска“, околу Инфектина клиника, кај Ургентан центарм на паркинзите, зад Клиниката за кардиологија, Детската клиника, кај депото со отпадоците и другите контејнери…
Во изминативе години повеќе граѓани, но и вработени во Клиничкиот центар, биле напаѓани и повредувани од страна на кучињата. Медицинскиот персонал повеќе пати укажувал дека кучињата ги напаѓаат во ноќните часови кога вработените пеш одат на конзилијарни мислења од една во друга клиника.
-Со сопругата шетавме околу 21 час по улица „Белградска“ блиску до Инфективна клиника. Во тој момент од страната на Клиниката кон нас почна да трчаат пет-шест кучиња лаејќи кон нас. Беше очигледно дека ќе не нападнат. Среќа, се појави едно возило со запалени светла и тоа ги премисли и се откажаа од нападот. Инаку, кај кујната постојано има кучиња кои лаат по минувачите, вели скопјанец Бранислав кој живее во близина на Клиничкиот центар.
Од ЈП „Лајка“ во февруари изјавија дека последен пат пријава за потреба од нивна интервенција во просторот на Клинички имале во декември 2022 година. Тогаш биле отстранети неколкуте агресивни кучиња, а сите останати на таа локација го имаат поминато третманот во „Лајка“. Во март лани ова претпријатие имаше заловување на подрачјето на Центар во кое била опфатена и оваа локација. Меѓутоа, очигледно е дека проблемот не е решен. Кучињата веројатно поминале третман, но некои од нив се и натаму агресивни. Надлежните од „Лајка“ треба пак да му се навратат на овој проблем и да барата ново решение.
Решение треба да бараат и управите на клиниките и на другите служби. Зарем е толку тешко да се најде лек за овој проблем во Клиничкиот центар? Колку време треба да помине за да се реши проблемот за доброто и на луѓето и на бездомните животни?