Завршија антикризните мерки, се зголемуваат цените на лебот, брашното, маслото за јадење, млекото, оризот…

Нови, зголемени, цени се очекува денеска да добијат основните животни артикли – брашното, сончогледово масло за јадење, трајното млеко, оризот и јајцата откако престанаа да важат антикризните мерки кои беа донесени од Владата. Со мерките, ДДВ-то за овие производи во претходните три месеци беше намалено од пет на нула проценти, а на предлог на Министерството за економија беше донесена и одлука за намалување на трговските маржи.Како дел од 26-те антикризни мерки беа и намалувањето на акцизите и на ДДВ-то од 18 на 10 проценти на енергенсите.

Сега, ДДВ-то се враќа на претходното ниво а што значи дека трговците ќе го вградуваат во цените на овие производи кои ќе добијат покачени цени.

Од полноќ по нова, зголемена цена веќе се продаваат горивата. Цената на Еуросупер БС-95 и на дизелот е зголемена за девет денари за литар, а на Еуросупер БС-98 за 9,5 денари за литар. За 8,5 денари за литар поскапо е и Екстра лесното масло за домаќинство. Според новите цени, Еуросупер БС-95 се продава за 104 денари, Еуросупер БС-98 за 106,5 денари за литар, дизелот за 95 денари, а Екстра лесното масло за домаќинство за 93 денари.

Од Владата вчера не информираа дали на вчерашната седница било разговарано за продолжување на антикризните мерки. Од опозицијата, пак, најавија дека ќе поднесат закон со кој ќе предложат прехранбените производи да бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината, а ДДВ-то на горивата да биде пет проценти.