Зошто го нема Заев да ја смирува тензијата кај неговите пријатели во Бугарија?

Набиена е атмосферата помеѓу Македонија и Бугарија. Тепачката во Охрид ги заостри тоновите меѓу двете соседни држави, а Софија и пак почна да штанца декларации, нејзини претставници да споменуваат вето, други да се закануваат… До кога ќе биде така?

Сега најзагрижувашко е што владее неизвесност околу тоа како ќе помине саботното чествување на 151-та годишнина од раѓањето на големиот македонски револуционер Гоце Делчев во Скопје. Инцидентот во Охрид и националистичките, навредливите па и заканувачките изјави на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски си ги направија своето. Сега се најавува доаѓање на групи граѓани од Бугарија пред гробот на Делчев во црквата „Свети Спас“, а се најавуваат „стражи“ од македонска страна, така што ризикот од посериозен инцидент е голем.

Сепак, не изостанаа и напори да се смири ситуацијата. Министрите за внатрешни работи од Македонија и Бугарија Оливер Спасовски и Иван Демерџиев веќе одржаа средба по која изјавија дека заеднички ќе работат за да се спречат какви и да е провокации. Помирливи изјави дојдоа и од другите политичари кои се мобилизираа за да тензиите не ескалираат. Но, дали сите кои можат да помогнат се вклучија во тие напори на смирување на тензиите?

Посебно прашање е дали сето ова што се случува го вознемири поранешниот македонски премиер Зоран Заев? Па тој е докажан пријател на Софија, каде е сега да реагира? Заев сигурно ја слушнал заканата на неговиот голем пријател, поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, дека Македонија ќе го почувствува „бугарскиот гнев“.

Ова се изненадувачки зборови од човек кој многу убаво зборуваше за пријателство и разбирање кога заедно со Заев го потпишаа Договорот за добрососедство, пријателство и соработка. Тогаш, на 1 август 2017 година Борисов и Заев се гушкаа, задоволно се смееја… и се колнеа во меѓусебното и во пријателството меѓу двете држави.

-Затворивме прашање со кое го трасиравме патот на пријателството и добрососедството. Договорот го отвора патот за соработка и развој на двете држави и е модел за соработка во регионот и пошироко, нагласуваше тогаш Зоран Заев.

Каде е сега Заев да го потсети на ова? Можеби требаше тој да замине во Софија, и да мавта со договорот кој го потпиша и да им каже на бугарите дека одамна се е решено, нели се фалеше дека токму нему му успеало и се договорил за трајно пријателство со Бугарија?

Секако, можеби Заев и делува тивко на смирувањето, онака како што и го подготви договорот со Бугарија, без јавноста многу да знае што тој прави.

Претходна вестСообраќајка на Стража, сообраќајот во целосен прекин
Следна вестВо Кина клонирани 5 „суперкрави“, една дава 18 тони млеко годишно