Ги молиме градоносните облаци да не доаѓаат ноќе

Градоносни облаци пред два дена натежнаа над делови од Македонија. Особено во овчеполието. Надлежните општински комисии сигурно веќе од денеска, како во општина Лозово така и во други места, ќе почнат да ги прават проценките за штетите што викендот ги направи невремето проследено со град.

Не треба да се има дилеми дека штетите ќе бидат големи и дека за помош на земјоделците ќе треба да се издвојат многу пари. Така е речиси секоја година. Надлежните, како министерот за земјоделие, ги тешат погодените земјоделци дека можело да биде и полошо доколку благовремено не се делувало со авионите и се засејувале облаците со противградни хемикалии. Така се спречиле удари на град на 80 проценти од погодената територија. Но, во Лозово проблемот бил што градот почнал да паѓа во доцните ноќни часови кога авионите не можеле да летаат.

А зошто, всушност, авионите не можеле да летаат во ноќните услови? Одговорот на ова вчера за „Скопско Eхо“ го даде Раде Балабаноски, државен советник во Управата за хидрометеоролошки работи за радарска метеорологија.

-Во регионот на Лозово градот почна да паѓа околу 22.30-23.00 часот, а тоа е ноќно време во кое авионите не може да летаат. Причина за тоа е што аеродромите од кои тие полетуваат немат осветлување, немаат опрема за ноќно полетување и слетување. Тоа е посебен проблем кој не зависи од нас туку е пошироко прашање. Таква е состојбата со сите спротски аеродроми во земјава. Таква опрема има само аеродромот во Петровец, кажа во интервјуто Балабаноски.

Зошто неколкуте спортски аеродроми, а посебно оној во скопски Стенковец, нема опрема за ноќно слетување и полетување на авионите? Доколку ја имаше авионите ќе можеа да летаат и кон Лозово и да ги намалат штетите од град.

Зошто не се набавува и инсталира потребната опрема треба да и се објасни на јавноста. Кој, всушност, треба да ја набави опремата – аеро клубот кој таму работи или државата? Ова прашање треба што побрзо да се расчисти.

Колку и да чини таа опрема, сепак, ќе биде поефтино отколку секоја година да се собираат податоци за тоа колку посеви се уништени од град. 

Или можеби е полесно да го замолиме градот да не паѓа ноќе?

Претходна вестЗа чии образи зборува Пендаровски?
Следна вестБорел: Не е доволно ЕУ да биде добра цивилна сила – треба да стане и воена