Македонија е лидер по бројот на пушачи во регионот и во Европа

Македонија е лидер по бројот на пушачи во регионот и во Европа откако статистичките показатели покажаа дека дури 48,4 проценти од населението посегнува по цигара. Со тоа државата успеа да се искачи високо четврто место на светската топ 10- листа на земји најголеми зависници од тутун. Македонците во просек пушат по 20 цигари на ден, а најбројни меѓу пушачите се мажите.

Податоците на Светската задравствена организација промовирани по повод 31 мај –  Светскиот ден за борба против пушење покажуваат дека посебно загрижува тоа што над 30 отсто од младите пушат.

-Како земја којашто има најниски цени на цигари во регионот и во Европа, како и најниско даночно оптоварување, не е ни чудо што тутунот е лесно достапен до секого. Само кај 11 отсто од пушачите во земјава не се пуши дома, а непушачите се изложени на чадот од цигарите не само во угостителските објекти, туку и во јавните институции, и покрај законската забрана, се наведува во веста што ја пренесува радиото Дојче веле.

Истражувањето покажало дека мажите пушат повеќе цигари од жените – соодносот е 57,9 проценти кај мажите наспрема 39 проценти кај жените. 51,3 отсто од мажите пушат најмалку 20 цигари во денот, 16,6 проценти од 10 до 20 цигари, додека на 32,1 отсто им се доволни по 10 цигари на ден. Кај жените пушачи, една кутија или повеќе пушат 34,7 проценти од испитаничките. Помалку од 20, но повеќе од 10 цигари дневно пушат 29 отсто од жените пушачи, а 36,4 проценти можат да поминат и со 10 цигари на ден.

Светскиот ден за борба против пушење се одбележува уште од 1987 година.

Претходна вестПратениците едногласно ги поддржаа законските измени со кои ќе им се исплатат субвенциите на 20.000 домаќинства
Следна вестЃоргиев: Историјата мора да остане надвор од политичкиот процес меѓу Македонија и Бугарија