Пратениците едногласно ги поддржаа законските измени со кои ќе им се исплатат субвенциите на 20.000 домаќинства

Со 90 гласови „за“ од пратениците од власта и од опозицијата во Собранието денеска беше изгласани измените во Законот за земјоделство и рурален развој со кој ќе им се исплатат субвенциите на земјоделците. Претходно, деновиве министерот за земјоделие Љупчо Николовски повика да се изгласаат промените за да повеќе од 20.000 домаќинства кои живеат од производство на тутун ги добијат субвенциите.

Пратеничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе ги поддржат промените.

-И покрај сите дезинформации, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ дава целосна поддршка на Предлог-законот. Сепак имаме одредени забелешки, кои секако треба и ги истакнуваме со нашиве дискусии, рече Стојаноска додавајќи дека решение за сегашната состојба се брзи и предвремени избори.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во расправата укажаа на тековните проблеми на земјоделците во земјава и додадоа дека СДСМ и ДУИ имале можност за корекција, но не сториле ништо. Тие потсетија на третманот на земјоделецот, на неисплатените субвенции за земјоделците од 2021, 2020 и 2019 година и посочија дека државата има неисплатени обврски кон земјоделците, дека земјоделците заслужуват секогаш подобро законско решение.

Пратеничката Љубица Спасова од СДСМ рече дека е лага дека нема пари во буџетот и дека поради тоа не се исплаќаат субвенции за земјоделците.

-Обезбедени се една милијарда и 300 милиони денари во буџетот и по гласањето на овој закон и по објавувањето во „Службен весник“ субвенциите веднаш ќе може да им се исплатат на земјоделците. Не точно дека не се исплатени субвенциите и има навремена и неселективна исплата. Во периодот од 2017 до 2019 година исплатени се 305 милиони евра за заостанати редовни субвенции, а финансиската поддршка продолжува и понатаму, потенцира Спасова.

Таа потсети на новите мерки, како зелена нафта, грантови од 20.000 евра за млад земјоделец, грант од три илјади евра за жена земјоделка…