Ќе дочекаме ли македонски функционер да даде оставка?

Има ли ден во Македонија да нема некоја крупна афера во која главен збор имаат државни функционери? Скоро и да нема.

Скандали, афери, злоупотреби, несовесност во работа, пропусти, немање на контрола во институцијата со која се работи… За сето ова слушаме и гледаме секој ден. И последиците од тоа цела Македонија ги трпи. Впрочем затоа и сме во континуирана криза.

И? Се разрешуваат ли аферите и скандалите. Најчесто – НЕ. Си поднесува ли некој функционер оставка? Секогаш – НЕ.

Наместо оставки и потоа да се расчистат случаите, кај нас се тртљаат работите, се замачкуваат и се чека да поминат неколку дена, според народната: „секое чудо за три дена“.

Така е сега и за случајот со давањето на македонското државјанство на Украинецот Онишченко. Направени се огромни пропусти во Агенцијата за национална безбедност, но и во други релевантни институции кои дале согласност, Владата донела одлука државјанството да му се даде, а сега истата таа одлука ќе се повлекува… Пропуст до пропуст за кој се уште нема одговорност ниту пак некој помисли да си даде оставка. Напротив, еден од најповиканите дури се подготвува за амбасадорска функција во Париз.

А баш овој случај е зрел за 3 – 4 оставки од министерско па до директорско и раководителско ниво. Ако на инволвираните не им текнува дека треба да си дадат оставка, нема ли некој повисоко во владината хиерархија што ќе им „потшепне“ дека е време да седнат и напишат едно писулче: од здравствени причини денеска се повлекувам…?

Ајде. За конечно да се вклучиме во тековите на развиениот и демократски свет во кој нели баш тие со полна уста фалење не носат.

Во Јапонија министри си даваат оставки ако воз задоцни две минути. Кај нас министер нема гајле ако некоја градба (иако ветена и платена) доцни три години или е фатен во корупција или кога гинат невини луѓе или ако претседател на собрание е снимен како се дере и навредува вработени или…

За посетување: Единствената оставка од морални причини која што се памети во Македонија е онаа од 1993 година на тогашниот министер Антони Пешев, поради чувство на одговорност за две авионски несреќи.

Инаме и две – три „понудени“ оставки. Некогашните министри – Љубомир Фрчковски за атентатот врз тогашниот претседател Киро Глигоров, Миле Јанакиевски за бродската несреќа во Охридското езеро, Венко Филипче за пожарот во тетовската модуларна болница… понудија оставки – но не се прифаќаа. А беше доволно само во оставката да се наведе дека е – неотповиклива.

Ама какво време дојде сега нема ниту понудени оставки…

Но, може тоа е реформата кон подобра иднина? Само ние не сме ја разбрале.

Претходна вестМу дошол на гости па му украл новчаник со 1.000 евра
Следна вестНикола Пановски: Не рекламирам никаков чај за паразити, зошто не се апсат тие измамници!?