Укината пресуда за случајот „Трезор“ во кој Мијалков беше осуден на 8 години затвор

Уважени се жалбите на обвинетите по што е укината првостепената пресуда за случајот „Трезор“ кој се враќа на повторно постапување и одлучување пред Основниот кривичен суд Скопје. Ова денеска го соопшти Апелациониот суд Скопје по донесеното решение.

– Апелациониот суд Скопје известува дека, постапувајќи по кривичниот предмет  КОКЖ-100/21, во јавноста познат како „Трезор“, по одржана јавна седница, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите С.М. од С., Г.Г. од С., Н.С. од С. и Т.Ј. од С., изјавени преку нивните бранители, со што ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, се наведува во денешното соопштение од Апелациониот суд.

При разгледување на побивата пресуда, како што се додава во соопштението, Апелациониот суд Скопје констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка, со што се доведува во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик.

Со пресудата изречена во април минатата година поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) на Република Северна Македонија, Сашо Мијалков, првообвинет во предметот „Трезор“ за злоупотреба на службената положба и овластување беше осуден на единствена казна затвор во траење од 8 години. Предметот се однесуваше на начинот за набавка на британска опрема за следење на комуникациите преку фирмата посредник „Финзи“ од Скопје.

Останати обвинети, Горан Грујевски, поранешен началник на Петтата управа во УКБ, беше осуден на 15 години затвор, Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер во Министерството за внатрешни работи, на 5 години и Тони Јакимовски, поранешен началник на оддел во УБК, на 5 години затвор.

Штетата што била направена на буџетот, а со тоа и имотната корист што ја добила „Финзи“, според обвинението е околу 48,5 милиони денари. „Финзи“ првин ја купила опремата од фирмата „Гама“, а потоа му ја препродала на МВР за потребите на УБК, каде што директор тогаш бил Мијалков.

Претходна вестМинистерство за правда: Документацијата за Барлет Џафери беше чувана една година, таква била досегашната пракса
Следна вестПронајден човечки труп во длабок дол на планината Плачковица