Министерство за правда: Документацијата за Барлет Џафери беше чувана една година, таква била досегашната пракса

Досегашната пракса била документите на кандидатите за полагање правосуден испит да се чуваат една година, соопшти денеска Министерството за правда. Тоа се однесувало на барањата и другата пропратна документација на кандидатите. Министерството ова го наведе во соопштението во врска со случајот  со Барлет Џафери кој го водеше Државната комисија за спречување на  корупција.

Во него се наведува дека согласно евиденционата тетратка за положени кандидати што се води во Министерството за правда и е од трајна вредност, лицето Барлет Џафери има положено правосуден испит на 05.02.2015 година. Потписот за положен правосуден испит го ставил министерот за правда кој ја извршувал функцијата во 2015 година.

-Во врска со наводите на ДКСК за немањето документација за положен правосуден испит на Џафери, Ве информираме дека согласно член 27 од Уредбата за канцелариско и архивско работење (“Службен весник на РМ”,  бр.01/14), министерот за правда секоја година носи листа на документиран материјал со рокови за негово чување за потребите на Министерството за правда. Во однос на рокот за чување на документацијата во Министерството за правда, досегашната пракса била документите на кандидатите односно барањата и другата пропратна  документација на кандидатите за полагање правосуден испит да се чуваат една година, се потенцира во реакцијата.

Со цел надминување на евентуалните можни злоупотреби околу полагањето на правосудниот испит, Министерството за правда ја разгледа можноста за електронско пријавување на правосудниот испит преку Националниот портал Е-услуги. На тој начин кандидатите ќе ги поднесуваат своите документи по електронски пат.

Претходна вестПротест на приватните превозници: Не оставија без леб, срам да и е на градоначалничката!
Следна вестУкината пресуда за случајот „Трезор“ во кој Мијалков беше осуден на 8 години затвор