Кога Владата ќе ги укине македонските „даночни оази“?

Влада на СДСМ и ДУИ одново умислено тргнува во правење услови за подобро живеење во Македонија. Како го прават тоа умните? Па се разбира – со реформи.

И така, деновиве ни соопштија дека на ред дошло да го средат даночниот систем. Е, да де, оваа Влада и порано го средуваше оданочувањето ама сега ќе било цакум – пакум. Ќе се плаќаат придонеси за договорите на дело, ќе се оданочат каматите на штедните влогови на граѓаните и бизнисите, ќе се воведе некаков си „зелен данок“, ќе…

Со ваквата реформа министрите и самите велат дека очекуваат годишно да соберат дополнители 54 милиони евра годишно. Значи, реформата е поради паниката дека буџетот им е празен?

А зошто е празен? Трошат нерационално иако ветија дека ќе штедат?

Всушност оваа Влада даде многу ветувања. Ветуваше и правичност при оданочувањето кое ќе ги зафати малку повеќе побогатите. Ќе има ли дополнително оданочување на бизнисите кои трупаат големи профити во вака тешки времиња? И всушност, размислува ли Владата за подобрување на наплатата на веќе постоечките даноци? Кога ќе се укинат македонските „даночни оази“ каде уште не слушнале за фискализација и плаќање на давачките кон државата? Ги има повеќе низ државата.

Таму има многу повеќе од 54 милиони евра. Неприфатливо е пак да се бараат нови пари само од кроткиот македонски граѓанин кој и до сега чесно си ги плаќа давачките.

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: „Стево и плочата“ е продолжение на безличната политика на Пендаровски
Следна вестПо несреќата на камион со 49 мигранти кај Гевгелија: 24 се повредени, од кои 2-ца потешко